Музејот на современа уметност во Њујорк, кој се смета за еден од најреномираните во светот, ќе ја постави изложбата „Кон бетонска утопија: Архитектурата во Југославија, 1948–1980“.
Изложбата ќе биде поставена од 15 јули, 2018 до 13 јануари, 2019 година.
„Од скулптуралниот ентериер на Белата џамија во рурална Босна, до реконструкцијата на Скопје по земјотресот по дизајн на Кензо Танге, до Нов Белград со неговите огромни станбени блокови, изложбата го опфаќа уникатниот дијапазон на форми и модели на југословенската архитектура со нејзиниот препознатлив, а сепак разнолик карактер“, стои во најавата на Музејот на современа уметност (МОМА).
Меѓу другите дела ќе биде претставен и проектот за објектот на Македонска пошта од архитектот Јанко Константинов кој се релизирал од 1972 до 1981 година.
„Архитектите во Југославија, сместена меѓу капиталистичкиот Запад и социјалистичкиот Исток, реагирале на контрадикторните барања и влијанија, создавајќи една повоена архитектура што истовремено била во правец на дизајните карактеристични за Европа и светот во тоа време, но и се косела со нив“, велат од музејот.
Оттаму нагласуваат дека архитектурата што произлегла е манифестација на радикалната различност, хибридност и идеализмот со кои се карактеризирала самата Југославија како држава.
Изложбата ќе се состои од над 400 цртежи, модели, макети, фотографии и снимки од бројни локални архиви, приватни збирки и музеи од целиот регион, за дела на истакнатите архитекти од тоа време како Богдан Богдановиќ, Светлана Кана Радевиќ, Кензо Танге…