„Њујорк Тајмс“ го отстрани зборот „фетус“ од „Вордл“ кај поголем број корисници, поради нацрт-судската одлука на американскиот Врховен суд за укинување на преседанот „Ро против Вејд“, со кој се легализира абортусот на национално ниво во САД.
„Гардијан“ пренесува дека весникот го отстранил зборот „фетус“ како одговор на популарната игра за таа „да се разликува од вестите“.
Промената предизвикала збунетост, бидејќи била воведена само кај дел од корисниците.
„Денес, дел од корисниците ќе видат стар одговор за ‘Вордл“ кој изгледа дека е блиску поврзан со голема вест од опкружувањето. Ова е целосно ненамерно и голема случајност – денешниот одговор на ‘Вордл’ беше поставен во играта уште од минатата година“, истакна „Њујорк Тајмс“ во своето соопштение.
Секој точен одговор на „Вордл“ е однапред прецизиран.
„Кога минатата недела откривме дека овој конкретен збор е закажан за денес, го променивме кај што е можно повеќе корисници“, додадоа од весникот.
„Њујорк тајмс“ ја откупи „Вордл“ на почетокот на годинава, откако играта стана глобален хит.
Промената на зборот е начин „Њујорк тајмс“ да се оддалечи од користење на политички термин кој може да предизвика несогласувања. Минатата недела, протече нацрт судска одлука за укинување на преседанот „Ро против Вејд“, со кој се легализира абортусот на национално ниво во САД.
Оваа вест отвори можност за укинување на правото на абортус во САД и отворање на горчливи национални дебати.
„’Њујорк тајмс’ сериозно ја сфаќа улогата на забава и бегство од реалноста, а сакаме ‘Вордл’ да го одделиме од вестите кои не опкружуваат“, истакнале од весникот.
Ова не е првпат во играта да е променето дневниот победнички термин.