Дезинформациите и скептичните ставови за Ковид-19 се шират на десетици профили, страница и групи на Фејсбук и Инстаграм, кои заедно добија 370.000 следбеници во текот на изминатата година, се вели во нов извештај на ЊузГард, кој смета дека Фејсбук и Инстаграм не успеваат да ги заштитат корисниците од ваквите дезинформации.
Како што пишува Гардијан, дезинформациите и промовирањето скепса за вакцините се објавуваат во групи на Фејсбук во кои се тврди дека „децата се убиваат од експериментот на кој се принудуваат“, и преку профил на Инстаграм кој промовира документарец од Ендрју Вејкфилд, една од клучните фигури во промовирање на „врската“ меѓу ММР и аутизмот.
Дваесет профили, пејџови и групи се следени од ЊузГард, организација која мониторира дезинформации на интернет. Од септември минатата година ЊузГард поднесува редовни извештаи до Светската здравствена организација, на барање на СЗО, означувајќи ги социјалните мрежи и другите дигитални платформи кои шират невистини за Ковид-19.
Истражувањето на ЊузГард посочува на истакнати извори за скептицизам за вакцините, како што се Фејсбук страниците на Роберт Кенеди Џуниор, истакнат антиваксер и Џозеф Меркола, лекар за алтернативна медицина, како и помали извори како што е профилот на Франс Соар на Инстаграм.
На Кенеди му беше забранет пристапот на Инстаграм поради неговиот став за вакцините во февруари. Но, оттогаш неговата страница на Фејсбук и Инстаграм профилот на Меркола добија повеќе од 140.000 следбеници. Меркола рече дека има „секое право да ја информира јавноста со споделување на своето медицинско истражување“.
Фејсбук во март беше под притисок да го банира Кенеди, внук на претседателот Џон Ф. Кенеди, кој по издавањето на документарецот „Медицински расизам“ рече дека филмот „ги овластува сите Американци да бараат најбезбедни вакцини“.
Фејсбук и Инстаграм се во сопственост на Мета, компанијата која до ребрендирањето минатата недела беше позната како Фејсбук.
Алекс Кардиер, управен директор во Обединетото Кралство на ЊузГард, рече дека Фејсбук и Инстаграм не успеваат да ги заштитат своите корисници од дезинформации за Ковид-19 и вакцини и покрај тоа што биле „постојано предупредувани“.
Извештаите на Њузгард до Светската здравствена организација се целосно отворени, а Фејсбук може да им даде на своите корисници транспарентни објаснувања зошто толку многу популарни извори на неговата платформа се неверодостојни и промовираат опасни дезинформации.
„Наместо тоа, тие прават малку или ништо. Мантрата на компанијата за анимирање на корисниците по секоја цена значи дека виралните и изворите на информации што предизвикуваат поделби продолжуваат да цветаат, и покрај предупредувањата на ЊузГард и јасната опасност што тоа ја претставува за корисниците. Фејсбук си даде ново име, но нивното промовирање на дезинформации останува исто“.
Како одговор на ЊузГард, портпаролот на Мета рече дека тие ги охрабруваат луѓето на нивните платформи да се вакцинираат и дека преземат акција против дезинформациите.
„За време на пандемијата, отстранивме повеќе од 20 милиони штетни дезинформации и отстранивме содржини што ги прекршуваат нашите правила, идентификувани во овој извештај. Вкупно, забранивме повеќе од 3.000 профили, сајтови и групи поради прекршување на нашите политики“, рече портпаролот.
„Исто така, ги означуваме сите објави за вакцините со точни информации и соработувавме со независни даватели на проверка на факти за да означиме 190 милиони објави како лажни“, заклучи тој.