„Преку доследна имплементација на Националната стратегија за ментално здравје на млади, значително ќе се подобри нивната благосостојба и ќе се креира широк спектар на механизми за поддршка и грижа за нивното ментално здравје“. Ова го изјави претседателот на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) Филип Ивковски откако пред два дена Владата ја усвои Националната стратегија која ја подготви НМСМ.
Усвојувањето на ваков документ е од особена важност затоа што истражувањата покажуваат дека 64% од младите се соочуваат со депресија, 55% од младите се соочуваат со стрес, 58% се борат со анксиозност, 56% имаат суицидални мисли, а 67% сметаат дека е потребна подобра грижа за менталното здравје, посочува Ивковски.
„Овие статистички податоци се потврдуваат и преку фактот дека најчитаните содржини во историјата на НМСМ се прирачниците за ментално здравје кои даваат совети како младите да препознаат и да се справат со стрес, анксиозност и депресија“, истакна тој.
Стратегијата, како што посочуваат од НМСМ, се фокусира на проактивни мерки и активности за спречување и рана интервенција на проблемите со менталното здравје кај младите, ја нагласува потребата за намалување на стигмата и подигнување на свеста за менталното здравје и има за цел да го подобри пристапот до квалитетни услуги за ментално здравје за младите.
„Воедно, Стратегијата ја нагласува важноста на соработката меѓу различни засегнати страни, за да се создаде холистички и координиран пристап кон менталното здравје, како и значењето на собирањето податоци и истражувањето за да се стекне сеопфатно разбирање за потребите за ментално здравје на младите луѓе“, велат од НМСМ
Владата ја усвои Националната стратегија за ментално здравје на млади 2024 – 2026
Во време кога младите се соочуваат со сериозни предизвици, ваквиот документ е од исклучително значење и претставува институционализирана, стратешка и системска поддршка за менталното здравје и благосостојбата на младите на национално ниво, додаваат од НМСМ.