Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) објави Повик за учество во програмата за кариерно советување, во рамки на проектот „МладиХаб – надминување на нееднаквоста меѓу младите”.
Преку програмата за кариерно советување, од НМСМ велат дека ќе се обезбеди поддршка на млади лица кои се во дилема за изборот на кариера, факултет, професија, но и за оние млади кои веќе имаат успешна кариера, но сакаат промена.
„Програмата има за цел да ги инспирира и охрабри учесниците да ги следат своите професионални желби, но истовремено и да работат на нивно остварување. Првата група која ќе биде опфатена преку програмата ќе започне во март 2023 година, со групна средба. Потоа, секој учесник ќе има три индвидиуални менторски средби со кариерен советник, по што на крајот на програмата за секој учесник ќе се изработи и план за кариерен развој. Учеството е бесплатно и патните трошоци за учество на средбите во Скопје за учесниците кои не живеат во Скопје ќе бидат покриени“, посочија од НМСМ.
Заинтересираните кандидати за учество во програмата за кариерно советување е потребно да бидат на возраст помеѓу 15 и 29 години, да се средношколци или да имаат завршено најмалку средно образование, да не се во работен однос и а имаат регистрирано профил на платформата „CareerHub“. За пријавување, заинтересираните кандидати треба да имаат регистрирано профил на платформата „CareerHub“ и да го пополнат формуларот достапен на овој линк.
„Програмата за кариерно советување НМСМ за прв пат ја реализираше помеѓу октомври 2021 и март 2022 година и опфати 100 млади лица. Речиси 30% од учесниците се вработија 6 месеци по завршувањето на советувањето, а уште толку ја променија својата кариера во насоката која ја посакуваа“, велат од НМСМ.
Повикот ќе биде отворен цело време, без конкретен рок, додека не се пополнат сите места, односно додека не се опфатат 75 млади лица.
Проектот „МладиХаб – надминување на нееднаквоста меѓу младите” го спроведува Националниот младински совет на Македонија, во соработка со Stella Network. Проектот е финансиран од Британската амбасада во Скопје и поддржан од Претседателот на Република Северна Македонија, а неговата цел е да ги поддржи и поттикне девојките и младите жени на возраст од 15 до 29 години да бидат поактивни во општеството и да креира поеднаков пристап до можностите во јавниот живот, во приватниот сектор и со тоа во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво.