Националниот младински совет на Македонија отвори повик за волонтери кои ќе помогнат во поплавените подрачја во Скопје. Тие ги охрабруваат сите млади лица, младински организации и организации за млади да се вклучат во акцијата и воедно да го обележат 12 август, Меѓународниот ден на младите преку хуманитарна акција.
„Од Дирекцијата за заштита и спасување имаме информација дека се потребни волонтери за грижа на цивилното население, расчистување на ѓубрето и сметот и дистрибутери за храна, вода, лекови, сретства за хигиена“, велат од Советот.
Аплицирањето е со пополнување електронска пријава, која е достапна ОВДЕ.
Базата на волонтери што ќе биде креирана од НМСМ ќе биде ставена на располагање на сите неформални групи, национални и меѓународни институции и организации кои формално или неформално организираат хуманитарни акции во поплавените подрачја, како и Дирекцијата за заштита и спасување која во посредство на Националниот младински совет на Македонија ќе координира исто така дел од волонтерите.
Отааму информираат дека се во можност да ги снабдат волонтерите со ракавици и заштитни маски. Исто така, апелираат волонтерите задолжително да се снабдат со гумени чизми и повикуваат, доколку некој има вишок опрема или дополнителна опрема (метли, џогери, лопати, алат), да ги достави во просториите на НМСМ на ул. Костурски Херои бр.51/2 или да се јави на 078 350 531 за дополнителна координација.