Националниот младински совет на Македонија – НМСМ, ги повикува сите заинтересирани млади да го пријават своето учество на обуките организирани во рамки на проектот „Социјално претприемништо за младинско вработување“.
Обуките се поделени во три програми:
-Обуки за меки вештини – преку кои младите ќе развијат меки вештини како комуникација, лидерство, тимска работа, професионални вештини, ИТ меки вештини, итн.
-Обуки за претприемништво – на кои младите ќе се стекнат со потребните знаења за основање и управување со сопствено социјално претпријатие, како развој на бизнис план, запознавање со законските и административните одредби за започнување и управување со социјално претпријатие, управување со човечки ресурси, вмрежување, итн.
-Обуки за прибирање средства и комуницирање со заедницата – каде младите ќе бидат обучени како успешно да водат кампања за прибирање финансиски средства за нивното социјално претпријатие и како да комуницираат со нивната заедница и целна група.
„Обуките се наменети за млади невработени лица или млади лица вработени во социјални претпријатија. Главна цел на овие обуки е да ги намалат и неутрализираат предизвиците со кои младите се соочуваат во нивните обиди да основаат сопствено социјално претпријатие, а истите ќе им помогнат и во нивниот професионален раст и развој“, велат од НМСМ.
За пријавување, заинтересираните кандидати треба да го пополнат формуларот достапен на овој линк. На секоја тема ќе бидат организирани повеќе обуки, младите имаат можност сами да го изберат терминот кој најмногу им одговара.
Сите информации за обуките, условите и начинот на аплицирање се достапни во Повикот за млади за учество на обуки.
Инаку, проектот „Социјално претприемништо за младинско вработување“ го спроведува Националниот младински совет на Македонија – НМСМ, со финансиска поддршка од Европската Унија. Преку различни активности, велат од НМСМ, проектот обезбедува можности за градење на капацитетите на невработените млади лица, a истовремено ги води низ процес на саморазвој и раст во полето на социјалното претприемништво, како модерен начин на самовработување.