Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) соопшти дека се повлекува од партнерството со Град Скопје за кандидатурата на Град Скопје за Европска младинска престолнина 2027 година. Во февруари годинава, Град Скопје на иницијатива на НМСМ и други младински организации отпочна со подготовка за кандидатурата, која ја доделува Европскиот младински форум со цел, како што рекоа тогаш од Град Скопје, да ги охрабри младите да го зголемат младинското учество во градовите кои конкурираат за ова титула.
Од НМСМ велат дека до оваа одлука дошле по неколкуте обиди да стапат во контакт со претставниците на градот, кои треба заеднички со нив да ја презентираат кандидатурата на градот пред жири комисијата за Европска младинска престолнина и, како што велат, безброј барања за состанок за координација за презентацијата.
„Неуспехот да стапиме во контакт и на самиот почеток да воспоставиме одржливо партнерство само ни покажа дека градот не е суштински посветен на младите и кандидирањето за оваа титула не е мотивирано од вистинските потреба за поставување на младите високо на листата на приоритети. Овој заклучок дополнително ни се потврдува со фактот дека градот не покажа доволно посветеност за надминување на препреките за формирање на локален младински совет, усвојување на локална стратегија за млади, ниту пак отварање на младински центар, дел од механизмите кои се основа и на самата кандидатура за Европска младинска престолнина 2027. Основна заложба на Националниот младински совет на Македонија е да застапуваме за суштинско вклучување на младите, мотивирани од ова се вклучивме во овој процес заеднички со нашите организации членки и партнери од студентските и средношколксите организации“, велат од Националниот младински совет на Македонија.
Но, како што додаваат, за жал, изминатите месеци им покажале дека претставниците на градот единствено препознаваат, како што велат, токенистичко вклучување на младите во процесите вклучувајќи ја и кандидатурата на град Скопје за Европска младинска престолнина 2027 година.
„Апелираме до преставниците на локалните и националните институции активно да се вложат во обезбедување на услови за суштинско младинско учество и заеднички со младите да креираат програми и политики кои одговараат на нивните вистински потреби и во ваквите процеси целосно им стоиме на располагање“, велат од НМСМ.
Покрај овој резултат, од Националниот младински совет рекоа дека ќе продолжат да бараат поддршка и да вложуваат напори визијата која ја имаат за Скопје да стане реалност, активно да ги поддржува младите и да застапува пред институциите за политики кои ги адресираат нивните приоритети и обезбедуваат зголемен младински стандард и квалитет на живот.
Град Скопје и НМСМ ќе подготвуваат апликација за титулата Европска престолнина на млади