Повеќе од 150 добитници на Нобеловата награда и Светската награда за храна објавија отворено писмо во кое нагласуваат дека се потребни многу поголеми инвестиции во истражувањa, производството и дистрибуцијата на храната за да се спречи глобалната криза со глад во наредните децении, пренесува Н1.
Во писмото се наведува дека околу 700 милиони луѓе денес се соочуваат со „несигурност со храна и очајна сиромаштија“, но дека доколку не се направат „невидени напори“ за производство на повеќе храна, многу повеќе луѓе ќе се најдат во таква ситуација, пред се поради климатските промени, војните и растот на населението.
„Колку и да е тешко и непријатно да се замисли, човештвото оди кон тоа дека до средината на векот несигурноста со храната ќе биде уште поголема, а светот уште понестабилен од денес“, се вели во писмото потпишано од 153 добитници на двете награди.
Тие, исто така, укажуваат дека поради климатските промени ќе се намали продуктивноста на повеќето главни прехранбени производи и дека се потребни значителни зголемувања за да се прехрани светското население, кое ќе порасне за 1.5 милијарди луѓе до 2050 година.
„Не сме на пат да ги задоволиме идните потреби за храна. Не сме ни блиску“, се додава во писмото.
Лауреатите укажаа на очекуваното намалување на производството на пченка во Африка и можна уште поголема деградација на почвата и недостиг на вода во поголемиот дел од светот.
Во писмото се истакнува дека драстичното зголемување на средствата за истражување, заедно со поефикасни начини за размена на информации и дистрибуција на храна, може да ја спречи кризата со глад.
Добитникот на Нобеловата награда за физика за 2011 година, Брајан Шмит изјави дека потребата за драстично зголемување на производството на храна во наредните децении е голем предизвик, но дека проблемот може да се реши преку соодветно финансирање за истражување и глобално лидерство.
Шмит рече дека се надева оти владите во САД, европските и другите земји можат да се посветат на решавање на проблемот, но дека смета оти приватните групи е потребно да преземат водство во финансирањето на почетните чекори што ќе го привлечат вниманието на политичарите и ќе ги поттикнат на акција.
Во писмото се повикува на „трансформациски напори“ како што се подобрување на фотосинтезата кај основните култури како пченицата и оризот, развој на култури кои помалку се потпираат на хемиски ѓубрива и продолжување на рокот на траење на овошјето и зеленчукот.