Со почеток во 20 часот во четврток (20 октомври) во Културно-информативниот центар (КИЦ) Скопје ќе се отвори изложбата на слики „Noise“ од Верица Димеска.
„Делата од овој циклус Димеска иницијално ги создава почнувајќи од времето на корона кризата која на различни начини целосно, го погоди светот во 2020 година, а изолацијата особено се рефлектираше врз уметничката експресија. Тогаш и се уште, без оглед на провиниенцијата на одредени доживувања, општите случувања помалку или повеќе се одразија преку извесна нота на патос во различни дела на многу уметници. Согласно доживеаната ‘стварност’ во изолацијата, веројатно се повеќе ќе се среќаваме со дела кои го претставуваа(т) изместеното функционирање на ‘новото реално’ одреден временски период“, вели Маја Чанкуловска Михајловска.
Делата од циклусот претставуваат различни секвенци восприемени од хаосот на информации низ етерот, интернет и телевизија, во случајов во времето на изолацијата, но и пошироко, а се работени во комбинирана техника – спреј, акрилик, јаглен на платно и хартија, но и вез. Во делата се мешаат мноштво визуелни сензации на реалноста и апстракцијата, мемињата, емоџите и глобално препознатливите симболи.
„Шумот во комуникациите настанат од безброј (контрадикторни) информации во медиумот/медиумите, кој Димеска го пренесува во колористички попартистички манир (универзалната симболика на емоџите, зборови и пиксели), комбиниран со експресионистички графизам, од своја страна, е симболичен приказ на Бодријаровите симулакруми и симулации и престојот во хиперреалност, односно на мотивите и ефектите во еден виртуелен реализам, при што автентичноста на реалниот свет исчезнува во однос на симулакрумните светови“, додава Чанкуловска Михајловска
Верица Димеска е родена во 1968 година во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ) во Скопје и е магистер по ликовна уметност на Холандскиот уметнички институт. Учествувала на повеќе групни изложби вклучително во Македонија, Холандија, Мексико, Хрватска, Србија, Турција, а одржала и бројни самостојни изложби.
Изложбата ќе биде отворена до 1 ноември.