Романот на македонскиот автор Давор Стојановски, „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“, издаден од страна на „Или-или“ е македонски претставник за меѓународната книжевна награда „Балканика“.
Комисијата за избор на македонскиот претставник ја сочинуваа претседателот Јордан Плевнеш, Александар Прокопиев и Јовица Тасевски-Етернијан.
Во конкуренција биле 13 книги, а во најтесен избор влегле и романите „Естом“ од Николина Андова-Шопова и „Најосаменото место“ од Симеон Јанков.
Досегашни добитници на наградата од Македонија се Венко Андоновски со „Папокот на светот“ и Александар Прокопиев со „Човечулец“.
Манифестацијата „Балканика“ треба да се одржи во првата половина од годинава. Наградата ќе биде доделена од меѓународна стручна комисија од седум члена, со по еден претставник од секоја од државите членки, а претседател на жирито е професорот Ендрју Вахтел од САД.
„Балканика“ е најреномирана книжевна награда во Балканскиот регион, како и една од позначајните во Европа. Основана уште во 1996 година, претставува пример на одржлива културна соработка меѓу државите од регионот.