„Ноќна кралица“ на 1 април во „Кино Култура“

Во „Кино Култура“ на 1 април (понеделник) од 20:30 часот ќе се одржува настанот „Ноќна кралица 2019“.

„За многу луѓе 1 април е асоцијација на ноќното парадирање по плоштадот каде реки од маскирани луѓе пробуваат да добијат малку внимание. Но, оваа куќа не е заинтересирана за таков вид на гужвање.  За нас, 1 април значи само една работа: избор на Ноќна Кралица! На наше и ваше задоволство, ова е ноќта кога имате можност да светнете под рефлекторите кои мечтаат за вашиот сјај“, велат организаторите.

Потенцираат дека трите најдобри кралици или кралови, кои на пистата ќе ги освојат симпатиите на членовите на жирото, во финалете ќе се натпреваруваат за круната со настап на една песна по нивен избор.

„Вашиот изглед, перформанс и attitude ќе го оценуваат нашите локални дрег кралици од Haus of Fauché, а круно-предавањето ќе биде извршено од страна на минатогодишната Ноќна Кралица – Tōkyō de Ville. Освен круната и честа да владее со градот Скопје, овогодинешната победничка ќе добие уште една специјална награда која ќе ја откриеме наскоро“, стои во најавата за настанот.

Со своето присуство и настап оваа година гостите ќе ги почестат и „The Hоusе of Flamingo“ од Хрватска.

„‘The Hоusе of Flamingo’ е квир уметнички колектив кој ја тресе независната уметничка и квир сцена во Загреб од 2013 година. Мисијата на колективот е да ја создава, зајакнува и шири дрег културата и квир перформативната сцена во Загреб, како и во регионот. Куќата претставува флуиден креативен простор со четири тековни изведувачки; од кои за првпат во Скопје ќе настапат Colinda Evangelista, Entity и Spazam Orgazam.Master of ceremony е неповторливата Ivana Drag Sic, а со соло настап ќе не почасти прекрасната Vera Vendettа“, се вели во најавата за настанот на 1 април.