Основниот јавен обвинител од ОЈО Скопје Гаврил Бубевски ја номинираше јавната обвинителка Емилија Мизо Димков задолжена да го следи постапувањето во предметите за кривични дела од омраза и дискриминација.
Нејзиното номинирање, како што велат оттаму е врз основа на заклучоци од претходна средба со претставници од невладиниот сектор, а нејзиното номинирање е на првична иницијатива од КВИР Центарот Скопје – Здружението за сексуални и родови малцинства.
Тие најавија дека во следниот период ќе иницираат формирање и на мрежа од невладини организации за потесна соработка меѓу граѓанскиот сектор и јавното обвинителство во постапувањето по предметите за кривични дела од омраза и дискриминација, за што е најавена поддршка и од Советот на Европа.
Номинираната јавна обвинителка ќе има надлежност да го следи постапувањето во предметите и да остварува контакт со пријавителите и со невладините организации кои ги претставуваат интересите на лицата кои се јавуваат во својство на оштетени во ваквите предмети, објаснуваат од ОЈО Скопје.