Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, постојаниот претставник за развој на Обединети нации Луиза Винтон и амбасадорот на Кралството Норвешка Арне Санс Бјорнштат го потпишаа Проектниот документ за обнова на градинка “8 Април” во Општина Шуто Оризари.
Финансиските средства за клучните инфраструктурни интервенции во висина од 700.000 долари се целосно обезбедни од Министеството за надворешни работи на Норвешка. Проектот ќе биде реализиран за 18 месеци од Програмата за развој на ОН (УНДП) присутна во земјата.
“Благодарение на Кралството Норвешка и УНДП децата од Шуто Оризари ќе имаат можност да го продолжат своето предучилишно образование во модерна, и обновена зграда со зголемен капацитет за згрижување на деца од 9 месеци до 5 години. Ние како Влада се обврзавме да ја поддржиме иницијативата и целиот процес бидејќи сме свесни дека инклузијата на децата започнува од најмала возраст”, изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
Постојаниот претставник на УНДП во земјава Луиза Винтон рече дека стариот објект на опожарената градинка ќе добие нов современ лик, прилагоден да згрижува и деца со попреченост.
Амбасадорот на Кралството Норвешка Арне Санс Бјорнштат рече дека се многу среќни што неговата држава може да помогне на Република Македонија во еден многу чувствителен период.
“Кралството Норвешка посветува големо внимание и поддршка на ранливите категории на граѓани. Ромите, не само тука туку и во цела Европа, се една од најранливите групи. Среќни сме што изградбата, со поддршка на УНДП, на новата градинка е добар начин за подобра интеграција”, изјави амбасадорот на Кралството Норвешка Арне Санс Бјорнштат
Новиот објект директно ќе помогне на повеќе од 200 семејства, претежно од ромска националност, чии што деца од 2 до 5 години се вклучени во предшколскиот систем.
Истовремено, новиот простор подразбира и зголемување на капацитетот за згрижување на уште 50 деца, како и отворање и на јасли групи кои досега не постоеја во општината.