Норвежанец поднесе жалба против „ChatGPT“ откако чет-ботот измислил приказна дека си ги убил синовите

Норвежанецот Арве Хјалмар Холмен поднесе жалба откако чет-ботот со вештачка интелигенција „ChatGPT“ лажно му кажал дека ги убил своите два малолетни синови и бил осуден на 21 година затвор, пренесува Евроњуз.

Холмен ја контактирал Норвешката управа за заштита на податоци и побарал да биде казнета компанијата „OpenAI“.

„Некои луѓе мислат дека нема чад без оган – фактот дека некој може да го прочита ова (разговорот) и да верува дека е вистина е она што најмногу ме плаши“, рече тој.

Холман во една прилика го прашал „ChatGPT“ „кој е Арве Хјалмар Холмен“, на што чет-ботот му одговорил дека тој е „татко на две млади момчиња на возраст од 7 и 10 години, кои биле трагично пронајдени мртви во езерото во близина на нивниот дом во Трондхејм, Норвешка во декември 2020 година“. Холман рече дека чет-ботот единствено точно ја разбрал разликата во возраста на неговите синови.

Организацијата за дигитални права „Ноиб“ која ја поднесе жалбата во име на Холман, вели дека одговорот што му го дал „ChatGPT“ е клеветнички и дека ги прекршува европските правила за заштита на податоците за точноста на личните податоци.

„ChatGPT“ содржи информации за одрекување од одговорност во кои се наведува дека чет-ботот може да направи грешки, но „Ноиб“ наведува дека тоа не е доволно.

Ова е најновиот пример на таканаречени „халуцинации“, каде системите за вештачка интелигенција (ВИ) измислуваат информации и ги прикажуваат како факти. „Халуцинациите“ се еден од главните проблеми кои компјутерските научници се обидуваат да ги решат кога станува збор за генеративната вештачка интелигенција.

Претходно годинава, „Епл“ ја суспендираше својата алатка за резиме на вести во Обединетото Кралство откако „халуцинираше“ со лажни наслови и ги претстави како вистинска вест. „Gemini“ на Гугл исто така се соочи со „халуцинации“, а минатата година предложи да се лепи сирење на пицата со лепак и рече дека геолозите препорачуваат луѓето да јадат „една камен на ден“.