Третиот најголем нискобуџетен авиопревозник во светот, Norwegian, започнува летови од аеродромот Гетвик близу Лондон, до Њујорк, Сан Франциско, Лос Ангелес, Оукланд и Форт Лодердејл во САД, а цените на билетите почнуваат од 149 фунти (188 евра). Како и кај секој нискобуџетен авиопревозник, резервациите на седиштата, чекираниот багаж и храната ќе се плаќаат дополнително.
Разбирливо, интересот е огромен, а цените на билетите, доколку летате во следните 2-3 месеци, се многу повисоки од почетната цена. Во моментов, по цена од 188 евра може да се купи билет за лет во февруари 2015. Денешниот инаугуративен лет ќе го спроведе компанијата Norwegian Air Shuttle, додека нејзината компанија-ќерка NAI се уште ги чека дозволите од американскиот транспортен регулатор.
Овој потег на Norwegian се очекува да ја разгори конкуренцијата, затоа што Ryanair и EasyJet претходно најавуваа воведување летови преку Атлантикот. Норвешката компанија се соочи со големи пречки околу отворањето на летовите, откако неколку поголеми авиопревозници во САД се здружија со синдикатите и пилотските здруженијс и започнаа национална кампања пред неколку месеци, со барање на подружницата на Norwegian, Norwegian Air International (NAI) да не и биде дозволено да лета во Америка. Конкурентските компании тврдат дека NAI ги „заобиколува“ американските и норвешките закони за вработување за да ги поевтини своите летови, со тоа што базата ја постави во Даблин, Ирска. Норвешката компанија го отфрли ова како неточно.
Според портпаролот на аеродромот Гетвик, новите летови дури ќе ја поттикнат и управата да ја прошири пистата, за да може да ги услужи и се поголемиот број на авиони кои ќе летаат на прекуокеанските линии.