Управата за извршување на санкциите (УИС) добро ги менаџира казнено-поправните домови во време на пандемија поради навремено носење на мерките. Сепак, иако се нотирани унапредувања во овие установи, остануваат системски недостатоци кај здравствената заштита, ресоцијализацијата, образованието, корупцијата. Позитивна е изградбата на новиот објект во Идризово, но во текот на посетите е констатирано е дека дел од осудениците спијат на под или се по 20мина во една просторија, што преставува нехуман третман.
Ова се дел од клучните забелешки од спроведувањето на проектот „Елиминација на тортура и нечовечко постапување во затворите и другите установи за лишување од слобода”, кој е поддржан од ЕУ, чии наоди вчера беа претставени на настан на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) и Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Според Ина Џугуманова, правен советник во Хелсиншкиот комитет, констатирано е дека се’ уште постои трендот на поставување кадри во стручните служби во затворите кои немаат доволно искуство, а тоа е неопходно бидејќи пенитенцијалниот систем е сложена материја и потребна е голема сензибилизација за да се делува во надока на унапредување на правата.
Џугуманова се осврна и на проблемот со корупцијата, за што треба да се преземат превентивни мерки. Во однос на здравствената заштита, секојдневно пристигнуваат преставки за влошена здравствена состојба, немање пристап до услуги или терапија, што е проблем кој Министерството за здравство треба неодложно да го реши, а на лекарите да им се понудат бонуси кои би ги стимулирале за да работат во овие установи.
„Во однос на полициските станици, констатирано е дека повеќето простории ги задоволуваат условите, но има и стари објекти кои не можат да ги задоволат стандардите. Во полициските станици треба да се обезбеди, функционален видео и аудио надзор особено во просториите за задржување и разговор“, потенцираше Џугуманова.
Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет реализацијата на овој проект ја гледа како прв чекор напред во она што значи воспоставување култура на соработка меѓу надлежните институции и граѓанските оганизации.
Пировска посочи дека за разлика од денес, до 2017 година на граѓанските организации им беше забранет пристап до казнено-поправните и воспитно-поправните установи, полициските станици и психијатриските болници.
„И покрај овој напредок, нашите препораки се сериозни. Станува збор за системски проблеми, а еден од најголемите е здравствената заштита, нешто на што мора да се работи. Веќе сме во комуникација со Министерството за здравство, како да се стимулираат лекарите да работат во казнено-поправни домови“, рече Пировска.
Таа констатираше дека постои волја да се надминат одредени состојби кои беа рак рана, пред сѐ во однос на сместувачките услови, како и дека дека најпроблематичните точки во Идризово се затворени. Пировска изрази надеж дека дефинираниот напредок ќе биде само почеток, а работите во наредниот период ке бидат надминати со имплементација на препораките.
„Никому не му оди во прилог состојбите да се покриваат и ставаат под тепих, бидејки сликата во затворите говори за демократскиот капацитет на земјата“, рече таа.
Ирена Здравкова, правник во МЗМП и проектна менаџерка, изјави дека министрите како претставници на државата имаат најголема одговорност да обезбедат законито и достоинствено постапување со лицата лишени од слобода. И особено е важна нивната порака до јавноста дека употребата на прекумерна сила од страна на службените лица нема и не смее да остане неказнета.
„Го следиме предметот за бруталното постапување на полициските службеници во Битола, рочиштето е закажано за денес и од оваа пресуда зависи колку како држава ќе ги осудиме таквите брутални постапувања и во која мера ќе ја потенцираме апсолутната забрана за тортура и нехуман третман. Механизмите за пријавување на тортура и нехуман третман се воспоставени, но потребно е заеднички да работиме на нивно подобрување“, рече Здравкова,
Здравкова ја посочи одговорноста на невладиниот сектор за време на посетите да ги информира осудените лица како да пријават случаи на прекумерна употреба на сила од затворската полиција, да го проследи случајот до соодветните институции кои треба да постапуваат за да ги гонат сторителите.
Таа напомена дека се организирани се и онлајн сесии за осудените лица кога беа воведени рестрикции поради опасност од ширење на вирусот ковид.
„Што се однесува на правната помош за време на посетите во полициските станици, се увиде дека многу мал процент на задржани лица го користат правото на адвокат, најчесто, поради тоа што финансиски не можат да си го дозволат. Одбраната за сиромашни се покажа како нефункционална така да мора да се работи на подобрување на пристапот до правна помош за најмаргинилизираните групи кои се задржани во полициските станици во соработка со Адвокатската Комора. Борбата со тортурата и нехуманиот третман е долгорочен процес и потребни се заеднички заложби за да имаме напредок и позитивни оценки во спроведување на реформите од страна на Советот на Европа и Европската Комисија“, нагласи Здравкова.
Гордана Смаќоска од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција рече дека јавните обвинители немаат надлежност да ги посетуваат затворите и пристапот до затворениците им е доста ограничен и не можат да утврдиме дали има нехуман третман или мачење.
„Во тој поглед соработката со невладините организации и народниот правобранител како и со управата за санкции ни е од особена помош“, рече таа.
Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, „резултатите и согледувањата од овој проект придонесоа за нови позитивни чекори во оваа област“.
Дејан Андонов од Одделението за внатрешна контрола во МВР се задржа на активностите поврзани со мониторинг на полициските станици. Со оглед дека дел од просториите во овие станици не ги исполнуваат потребните стандарди, Андонов побара поддршка и соработка за надминување на овие состојби.
Според Бојан Маричиќ, министер за правда, видливи чекори се направени во последните неколку години заедно со граѓанските организации, а ваквите заеднички настани се од особена важност и корисни бидејќи, вели тој „и темата за затворите и условите во нив не е повеќе табу тема“.