Новинарите се прогонувани и малтретирани до степен што многумина од нив избегаа од Азербејџан. Независните или опозициски медиуми се затворени или блокирани на интернет, а речиси сите медиуми кои допираат до јавноста се контролирани од владата, наведува „Радио Слободна Европа“.
Медиумските експерти со години предупредуваат за медиумската состојба во земјата, а сега додаваат дека таа може да стане уште полоша. И покрај протестите на независните новинари во земјата и критиките од Западот, вклучително и Советот на Европа, претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев го одобри новиот закон за медиумите на 8 февруари.
Законската регулатива, усвоена од парламентот на крајот на 2021 година, поставува нови ограничувања за сопствениците на медиуми во земјата, како и за новинарите, од кои се бара не само да се регистрираат кај властите, туку и да се придржуваат до други нови правила, вклучувајќи го и оној за „објективно“ толкување на фактите и настаните.
Натик Мамедли од државната Агенција за развој на медиуми која беше вклучена во изготвувањето на законот, рече дека тој е насочен само кон модернизирање на медиумското законодавство во земјата, како и подобрување на професионалноста на новинарите.
Активистите, како и азербејџанските независни новинари и медиуми пак, не се убедени во тоа.
„Навистина сме многу загрижени за примената на овој закон што јавно го осудивме неколку пати“, рече Жана Кавелиер, шефицата на канцеларијата за Источна Европа и Централна Азија на организација Репортери без граници (РСФ).
Според РСФ и други медиумски експерти, претседателот Алијев води кампања против своите критичари, при што независните новинари и блогери беа затворени врз сомнителна основа, доколку најпрво не попуштат на вознемирувањето, уцените и митото.
Во најновиот Индекс за слобода на медиумите на организацијата Репортери без граници, Азербејџан се наоѓа на 167 место од 180 земји.