Државниот инспекторат за животна средина спроведе вонреден инспекциски надзор во фабриката за хартија „Пејпар Мил“, за да утврди зошто има видлив чад и повремен мирис од согорувањето на пелети од котелот, на што од неодамна се жалат граѓани што живеат во близина на фабриката.
„Со надзорот се утврди дека при вградувањето на новата опрема за автоматизација на системот за пречистување и одведување на отпадните гасови – се оштетени делови од вреќастиот филтер. Пред да се влошат состојбите, акредитираната лабораторија имаше утврдено дека емисиите на прашина, со помош на вреќастиот филтер, се во обем од 8 mg/m3 (што е далеку под дозволената гранична вредност). Инспекторатот даде рок од еден месец за доведување на емисиите во рамките на овие вредности. Во овој период, Пејпер Мил е задолжена да заврши со набавка на потребните делови за да се спречи загадувањето и поправка на целиот систем, вклучително и на новата автоматика за пречистување и одведување на гасовите. Во меѓувреме функционира водениот филтер (скрубер), а за добивање енергија се користи биомаса и плин“, соопштија од Инспекторатот.
Оттаму додаваат дека во текот на надзорот биле извршени мерења на емисиите на прашина и штетни гасови од страна на акредитирана лабораторија, ангажирана од Инспекторатот. Додаваат и дека ако извршените мерења се утврдат надминувања на граничните вредности утврдени со дозволата, Инспекторатот ќе преземе дополнителни мерки.
Проблемот со фабриката за преработка на хартија во Кочани се влече подолг период, а чадот кој го загадуваше градот беше причина за повеќе протести. Од почетокот на годинава инспекторите неколкупати влегоа во фабриката, а неколку месеци беше затворена.
Фабриката „Пејпер Мил“ вгради филтер, откако пред четири месеци престана со работа