Американскиот конгресен панел во четвртокот одобри нацрт-закон со кој се предвидува кинеската матична компанија на ТикТок да ја продаде апликацијата во рок од шест месеци или да се соочи со забрана за користење на социјалната мрежа во САД, пишува „Би-Би-Си“.
Американските политичари се преплавени со повици од корисници на Тик ок кои се жалат на плановите кинеската компанија да ја продаде апликацијата на социјалната мрежа.
Апликацијата претходно побара од корисниците да дејствуваат „да запре забраната на ТикТок“, а тоа за „Би-Би-Си“ го потврдија и од компанијата од каде кажаа дека им испратиле порака на корисниците да ги повикаат претставниците на Конгресот да гласаат против мерката.
Нацрт-законот се очекува да оди на целосно гласање следната недела. Тој е предложен од меѓупартиска група од 20 пратеници кои го формираат Избраниот комитет за Кинеската комунистичка партија. Предлогот вчера беше одобрен едногласно од страна на Комитетот за енергетика и трговија. За да стане закон, треба да биде одобрен и од Сенатот.
Претседателката на Комитетот го критикуваше Тик Ток за мобилизација на корисниците, на што од платформата одговорија: „Зошто членови на Конгресот се жалат на она што го избираат нивните избирачи? Со почит, но зар тоа не е нивна работа?“
Нацрт-законот предвидува „заштитување на националната безбедност на САД од заканата што ја прават апликациите контролирани од странски противник“.
Законодавците велат дека компанијата „ByteDance“ во чија сопственост е популарната социјална мрежа има врски со Кинеската Комунистичка партија. Од компанијата ги негираат ваквите наводи.
Застапниците на нацрт-законот негираат дека потегот води до директна забрана за ТикТок, со аргумент дека на компанијата ѝ е даден период од шест месеци да се усогласи со барањата на САД.
Од Тик Ток на социјалната мрежа Икс (порано Твитер) потегот го опишаа како „директна забрана…без разлика колку авторите се обидуваат да го прикријат тоа“.
„Оваа легислатива ќе ги погази правата од Првиот амандман на 170 милиони Американци и ќе лиши 5 милиони мали бизници од платформа преку која тие растат и создаваат работни места“, напишаа оттаму.
Со ова се согласи Американската унија за граѓански слободи. Оттаму кажаа дека потегот е обид „за освојување евтини партиски поени во изборна година“.
Нацрт-законот е последниот обид на американските законодавци да го ограничат користењето на ТикТок. Апликацијата е забранета на уредите на американската влада иако кампањата за резибор на актуелниот претседател Бајден.
Обидот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп да се забрани ТикТок и кинеската апликација „WeChat“ наиде на правни пречки и никогаш не стапи на сила.