Објавен е новиот „Прирачник за претставници на граѓански организации за мониторинг на процесот за спроведување на децентрализацијата во Република Македонија“.
Прирачникот треба да помогне при обуките на членови на граѓанскиот сектор на локално ниво, кои во рамките на Проектот на УСАИД за граѓанско општество се одржуваат во текот на 2012 и 2013 година. Целта е да се зајакнат капацитетите на локалните невладини организации за мониторинг на процесот на децентрализација, што ќе придонесе за зголемување на транспарентноста, отчетноста и одговорноста на единиците на локалната самоуправа во земјава при спроведувањето на децентрализираните надлежности и запознавањето на граѓаните со придобивките од целиот овој процес.
Прирачникот е дизајниран на начин да обезбеди доволно информации за граѓанските здруженија, не само да се запознаат со процесот на децентрализацијата и надлежностите и услугите што ги обезбедуваат локалните самоуправи туку да можат и активно да се вклучат во мониторинг на работата на локалните власти. Во него е предложена методологија за мониторинг на децентрализацијата, но се даваат и насоки како резултатите од мониторингот понатаму може да се дефинираат во конкретни и јасни наоди и препораки.
Издавачот посочува дека за изработката на овој прирачник е консултирана законската регулатива, прирачници и други материјали изработени во рамките на проекти за поддршка на децентрализацијата во РМ финансирани од странски донатори, како и стручно мислење на експерти во областа. Исто така, неговата применливост е тестирана на серија обуки за претставниците на граѓанските здруженија од Република Македонија, поддржани од Фондацијата Отворено општество – Македонија во текот на 2012 година, при што тој е постојано надградуван и адаптиран за потребите на граѓанскиот сектор.