Денес во Скопје, УСАИД го промовираше Проектот за истражувачко новинарство и соработка помеѓу медиумите и граѓанскиот сектор, кој е дел од напорите на УСАИД за јакнење на независните медиуми во Македонија. Проектот цели кон подобрување на соработката меѓу новинарите и граѓанското општество преку серија на дебати и работилници, а ќе придонесе и кон создавање на повеќе независни истражувачки стории преку доделување на мали грантови и менторство на новинари за истражувачки стории.
„Создавање на мрежи, колегијална поддршка и соработка се неопходни за натамошно учење, практикување и споделување на искуства“, рече Мајкл Стивејтер, директор на македонската канцеларија на УСАИД за демократија и добро владеење.
Проектот ќе трае до јули 2015 и во рамки на него ќе бидат доделени 40 мали грантови за истражувачки стории наменети за новинари и 10 стипендии за новинари за посета на БИРН Школата за истражувачко новинарство.
Предвидено е објавување на повеќе од 100 стории на новиот интернет медиум кој ќе произлезе од овој проект, а ќе го промовира независното и истражувачкото новинарство. Проектот исто така ќе организира 20 дебати и работилници со новинари и претставници на граѓанските организации на кои ќе се покријат теми од јавен интерес.