Граѓанската организација Х.Е.Р.А во четврток во 11.30 часот, на Фејсбук најавува нов протест против спорниот предлог-закон за прекин на бременоста, кој предизвика бура од реакции во јавноста.
Предвидено е собраниските комисии во четврток да расправаат за новиот предлог закон за прекинување на бременоста.
„Овој закон ниту е истиот како оној од ’77, ниту ќе го подобри здравјето на жената. Токму напротив овој закон само ќе ги ограничи жените во слободно донесување на својата одлука за прекинување на бременоста. Овој закон не е подготвен во транспаретна процедура, а најмалку се прашани они на кои се однесува – жените. Дојдете да ја пратиме заедно јасната порака до Собранието да не дискутира за овој закон и Министерството за здравство, како предлагач да го повлече овој закон“, се вели во повикот за протестот.
Стотина граѓани минатата недела протестираа пред Собранието против предлог-законот за прекинување на бременост, со транспаренти на кои пишуваше „Мое тело, моја одлука“, и побараа од надлежните итно да биде повлечен предлогот, со кој дополнително се комплицира процедурата на абортус.