Во Обединетото Кралство ќе биде изградено вселенско летало што ќе го мери ефектот на стаклена градина на Земјата навлегувајќи во најголемите детали досега, пренесе „Би-Би-Си“.
Сателитот „Форум“ ќе го следи далечното инфрацрвено зрачење што доаѓа од површината на земјата. Се работи за специфичен вид на светлина, која прави молекулите на гасовите, на јаглерод диоксид и водена пареа, да вибрираат, што потоа ја затоплува атмосферата – еден од клучните аспекти на климатските промени.
„Форум“ ќе ја обиколува Планетата и ќе ја мапира сончевата светлина што откако се собира на површината на Земјата се рефлектира и емитува во инфрацрвена. При тоа ќе ја користи техниката Фурие-трансформативен спектометар, инструмент кој детектира повеќе бранови светлина истовремено.
Анализата на податоците што ќе си собере „Форум“ се очекува да ги подобри моделите на климатските промени, кои објаснуваат како функционира системот на Земјата и како ќе реагира на зголемување на концентрацијата на гасовите што се формираат во атмосферата, која од ден на ден расте и постанува глобална закана за животот на Планетата.
„Не би знаеле ништо во врска со нашата клима без сателити. Нашите сателити овозможуваат 60 до 70 отсто од податоците што научниците ги користат со цел да предвидат во каква состојба е климата, каква ќе биде и да развијат начини да се справат со неа“, изјави Џозеф Ашбахер, генералниот директор на Европската вселенска агенција (ЕСА).
За изградба на сателитот задолжена е воздушната компанија „Ербас“.