Средношколците, студенти и сите млади во земјава отсега информации и одговори на прашањата поврзани со остварување на своите права, но и обврските кои ги имаат, ќе може да добиваат на новиот Советодавен сервис за права на млади, а преку микро сајтот на Младинскиот образовен форум (mof.mk/servismladi).
Составен од тим млади правници, сервисот е креиран да обезбеди советувања и поддршка за младите полесно да ги остварат своите права, да ги разберат демократските механизми кои им стојат на располагање за заштита, но и да ги мотивира да прашуваат и да бараат решенија за своите проблеми. Како што истакна Кристина Митрова, координатор на проектот, сервисот е нов предизвик на тимот од млади правници.
„Многу голем број млади, средношколци и студенти знаат дека имаат права, но не знаат кој е надлежен да одлучува за нивниот проблем, или пак во одреден случај не го познаваат своето право. МОФ и досега им помагал на младите преку обуки, тренинзи, подигање на свеста, но овојпат целта е да помогнеме во конкретен случај“, вели Митрова.
Прашањата кои ќе можат преку интернет да се праќаат до сервисот на македонски и на албански јазик се поделени во три категории: средношколски, студентски и младински прашања. Сепак, додаваат од тимот, младите и директно ќе можат да се обратат до советниците во сервисот.
„Се надеваме дека вака ќе се намали, па и целосно ќе исчезне таа бариера која постои меѓу младите и институциите, така што полека, но сигурно ќе почне да се враќа довербата на младите во институциите. Се надеваме дека со тоа што младите ќе бидат позапознаени со своите права, критичката мисла ќе излезе на виделина, а ќе исчезне апатијата која постои кај нив. Никој не може да си го заштити своето право ако не знае дека го поседува“, вели Тања Поповска, советник за млади во сервисот.
Според Ресул Незири, советник за права на средношколци во сервисот, најмногу прашања од учениците се очекуваат за екстерното тестирање. Во однос на студентите, советникот за оваа категорија, Александра Марковска потсети дека тие најмногу одговори бараат за прашањата поврзани со корупцијата, дискриминацијата, но и за студентските претставнички тела.
Проектот „Советодавен сервис за права на млади” треба да помогне младите полесно да се снајдат низ лавиринтите на образовните и државните институции. Проектот е на Младински образовен форум од Скопје, а поддржан од страна на Амбасадата на САД во Скопје.