Студентите на Филозофскиот факултет за запишување на летниот семестар во учебната 2019/2020 година добија дополнителен услов за запишување. Во соопштението на факултетот стои дека треба да уплатат дополнителни 100 денари за студентското собрание.
Радио МОФ го контактираше Филозофскиот факултет од каде што добивме потврда за воведувањето оваа практика. Ваквата мерка, велат оттаму за Радио МОФ, е задолжителна за сите студенти при запишувањето.
„Членовите од факултетското собрание поднесуваат финансиски план за тоа што планираат да работат во текот на годината и за каква потреба им се финансиските средства, какви активности имаат во план. Студентите уплаќаат на сметка на УКИМ бидејќи така е предвидено во законот„ – велат од Филозофскиот факултет.
Во новиот закон за високо образование стои дека „работата на факултетското студентско собрание се финансира со средства на факултетот во рамките на кој делува студентското собрание.“
„Членовите на факултетското собрание до деканатот на Филозофски факултет треба да поднесат финансиски извештај, каде биле распределени средствата. Со други зборови да ги оправдаат потрошените пари“ – дополнуваат од ФЗФ.
Членови на факултетското собрание на Филозофскиот факултет за Радио МОФ велат дека не биле консултирани за оваа одлука на факултетот. Тие единствено биле информирани дека парите ќе стојат на жиро сметката на факултетот, а студентите ќе треба да поднесуваат барање за сите трошења.
Радио МОФ контактираше дел од претседателите на студентските собранија на неколку факултети. Но, ниту на Правниот, ниту на Медицинскиот факултет, нема воведено дополнителна давачка при запишување на летниот семестар.
Задолжителната уплата нема да се практикува и на Машинскиот факултет, како и на Природно-математичкиот факултет, велат претседателите на студентските собранија.
Ивана Смилевска