„Ваков закон не е потребен“, „Бесмислена иницијатива“, „Приоритет нека биде здравјето на граѓаните“, „Сегашниот закон е еден од ретките добри закони“, „Никој нема право на профит по цена на моето здравје“, „Да не се враќаме чекор наназад“…
Ова се дел од коментарите кои граѓаните ги објавиле заедно со својот потпис на онлајн-петицијата против најавите за нов закон за пушење. Петицијата за 15 часа, откако е објавена, собра над 2.700 потписи.
„Да не дозволиме да се упропасти еден од ретките закони кој е во одбрана на човековото здравје. Дали профитот на мал број луѓе вреди колку здравјето и животот на само еден човек?“, стои во повикот на онлајн-петицијата која иницијаторот планира да ја достави до македонската влада.
Негодувањата доаѓаат по информациите дека во владата се подготува сосема нов закон за пушење, кој би се однесувал на угостителските објекти каде не се служи храна. Преку законот би се понудила можност на сопствениците самите да одлучат дали во нивните локали ќе се пуши или не.
„Комплетна либерализација и право на избор. Пред сè на угостителските објекти да имаат право да изберат. Ако сакаат пушењето да биде дозволено, тие да го имаат тоа право преку лиценца. Ако сакаат да биде за непушачи, тоа да биде нивен избор. Апсолутно тоа не се однесува таму каде што се служи храна. Работат стручни луѓе, сакаме меѓународна пракса“, рече премиерот Зоран Заев, соопштувајќи некои детали од тоа што се подготвува како законско решение.
Од владата дополнително посочија дека во прв план ќе биде ставено здравјето на граѓаните, потенцирајќи дека нема да носат избрзани одлуки, без широк граѓански консензус. Најавуваат јавна дебата во која ќе бидат слушнати сите засегнати страни.
Против законот веќе се изјаснија и од Министерството за здравство, кои наведуваат дека иако пушењето е личен избор, тоа не е случај кај пасивното пушење.
Став во врска со измените на Законот за пушење во затворени простории. pic.twitter.com/PWjdzoeThX
— Мин. за здравство (@ZdravstvoMK) October 24, 2017
Најавите за законски промени веќе испровоцираа дебата кај корисниците на социјалните мрежи. Граѓаните ги изнесуваат своите ставови и мислења, како на ретко која друга тема. Преовладуваат коментари на корисници кои се изненадени од приоритетот кој е даден на ваква законска промена.
Да имаш 10 години закон ПРОТИВ пушење, кој колку-толку се почитува и функционира и после да се враќаш наназад е во најмала рака непромислено
— Енергон ⚡⚡ (@Sup_Exp) October 24, 2017
Пушач (на цигари) сум, ама сум скрос против да се враќа пушење во затворени простории. Тенда надвор е одлично решение!
— ⚔ William Wallace ⚔ (@WillWallaceJR) October 23, 2017
Топ 3 проблеми по 11 год диктатура:
1. Пушење унутра;
2. Раќија после 19.
3. Трките кружни у Ск.— Canadian Coyote (@SpaceBloomp) October 24, 2017
Добро бе луѓе, од толку проблеми у државава, после локални избори Законот за пушење ли ќе го ставеме на пиадестал?!?!#непушачсумбеишо
— СлобоДанче💕 (@s_andonova) October 25, 2017
Очекуваш закон за свиркачи и заплена на имот, а тие закон за пушење и тоа по скратена постапка. #Приоритети
— 100Le (@baljumbaljum) October 25, 2017
Убав е мајко ама уште нема став околу новиот закон за пушење
— Mine (@LaWitches) October 24, 2017
Малку приметувате дека најпогодени од законов за пушење се угостителите-кај едните може да се пуши со лиценца, кај кафанџиите не смее никако
— Навидум обичен Егеец (@trpe_tufekciev) October 25, 2017
Пред да почнат ПАК да ве лажат. НЕМА ПАД НА ПРОМЕТ ВО УГОСТИТЕЛСТВОТО ПОРАДИ ЗАКОНОТ ЗА ПУШЕЊЕ. ПЛС РТ pic.twitter.com/EhpMUQjrkX
— Slobodan Jakoski (@FlavrSavr) October 23, 2017
Уште во јули, по скратена постапка, група пратеници покренаа промени во овој дел од законодавството. Предлог-законот беше испратен на мислење до владата, која минатата недела го врати назад во Собранието без да соопшти свое мислење.
Големите промени во Законот за заштита од пушењето беа донесени во 2010 година. Со измените практично се забрани пушењето во затворените јавни простории и угостителски објекти.
Даниел Евросимоски