Јацинда Ардерн вели дека промените за платата и бенефитите ќе им помогнат на најобесправените, пренесува „Гардијан“.
Нов Зеланд ќе ја зголеми минималната плата до 20 долари на час и ќе го зголеми данокот за најбогатите до 39 отсто.
Ваквите промени стапуваат на сила утре, заедно со мали зголемувања кај социјалната помош и боледувањето. Владата предвидува и раст на минималната плата што ќе влијае врз 175.000 работници.
Зголемениот данок ќе биде имплементиран за оние кои заработуваат над 180.000 илјади долари годишно, односно 2 отсто од жителите. Со овие промени, владата предвидува додатни 550 милиони долари во буџетот.
Според податоците на „ОЕЦД“, минималната плата во Нов Зеланд во 2019 година веќе била меѓу петте највисоки примања во светот. За време на пандемијата од КОВИД-19, голем дел од екстремно важните работници се примачи на минимална плата, вклучувајќи ги оние кои работат на аеродромите и границите, но и медицинските работници кои работат на фронтот.
Во 2020 година, синдикалците повикаа на раст на животниот стандард, односно за покачување од 22.10 долари, за медицинските работници.
„Ова е многу важно за нив. Делумно е за финансиските средства, но делумно е и за достоинството и чусвството дека се наградени од заедниците поради жртвите кои ги прават“, изјавил секретарот на националниот синдикат, Џон Крокер.
Зборувајќи за промените, премиерката Јацинда Ардерн изјавила дека ова е едно од исполнетите предизборни ветувања кое ќе донесе вистински и долготрајни подобрувања во полето за поддршка на најобесправените.
„Сè уште има многу работа, како градење на повеќе домови, подобрување на здравствениот систем, инвестирање во образованието, тренирање на младите сили и отворање на повеќе работни позиции“, додала таа.
Нов Зеланд продолжува да се бори со сиромаштијата и високите стандарди за вдомување. Вдомувањето во Окланд е едно од најскапите во светот, а цената на недвижнините е скоро 11 пати повисока од примањата.
Токму недостатокот на домови е најголемиот проблем за жителите во Нов Зеланд. Според најновиот државен извештај, листите за вдомување се многу долги, а дури 22.000 жители чекаат нови домови.
Опозициската Национална партија се противела на зголемувањето на минималецот.
„Острото зголемување на минималецот во период на неизвесност за малите бизниси е економски вандализам“, изјавил портпаролот за труд и социјална политика, Скот Симпсон. Министеството за економија и вработување ја советувало Владата да го одложи растот поради неизвесноста предизвикана од КОВИД-19.
Владата на Ардерн ја постепено зголеми минималната плата во последните четири години, со раст од 2.25 долари од 2017 година. Минатата година, таа ги охрабри работодавците да размислат за четиридневна работна недела и флексибилност по кризата од КОВИД-19.