Независното тело за мониторирање на безбедноста на вакцините во Нов Зеланд соопшти дека жена починала откако примила доза од вакцината најверојатно поради миокардитис, што претставува воспаление на срцевиот мускул, пренесува Би-Би-Си.
Исто така, во нивното соопштение се додава дека жената имала и други медицински проблеми кои можеле да придонесат за смртниот исход по вакцинацијата.
Иако официјалната причина за смртта и понатаму е непотврдена, од Одборот велат дека воспалението на срцевиот мускул веројатно бил последица на вакцинацијата.
Европските регулатори велат дека миокардитисот е „многу редок“ несакан ефект и дека големиот број на придобивки од вакцината ги надминуваат ризиците.
„Ова е прв случај во Нов Зеланд во кој смртта која настанала неколку денови по вакцинација е поврзана со вакцината на Фајзер против Ковид-19. Иако Центарот за мониторирање на негативни ефекти има примено извештаи и за други смртни случаи кај неодамна вакцинирани, ниту еден досега не се сметаше за поврзан со вакцината“, стои во соопштението.
Смртта на жената се испитува и понатаму, а се чека аутопсијата да даде дефинитивни заклучоци за случајот. Официјалните власти не објавија други детали, а не беше соопштена ниту возраста на жената.
Европската агенција за медицина (ЕМА) потенцира дека миокардитис е многу редок несакан ефект на вакцините против Ковид од Фајзер и Модерна, додавајќи дека овие несакани ефекти се почести кај помладите мажи. Како пример, во Велика Британија пријавени биле 195 случаи на миокардитис меѓу луѓето кои ја примиле вакцината од Фајзер, што претставува пет случаи на милион лица. Најголем дел од овие случаи имале благи симптоми. Од ЕМА порачуваат луѓето да продолжат да се вакцинираат затоа што тоа помага во спречување на сериозно заболување од вирусот.
Симптомите на миокардитис вклучуваат болка во градите, отежнато дишење и абнормални отчукувања на срцето.
Експертите апелираат сите што ги имаат овие симптоми во деновите после вакцинацијата, итно да побараат лекарска помош.
Од Нов Зеланд соопштија дека остануваат уверени во функционалноста на вакцината на Фајзер и ќе продолжат да ја даваат на населението.
Во земјата досега се вакцинирани повеќе од три милиони дози вакцини, а околу 23% од населението е целосно вакцинирано.