Нов Зеланд уште пред да стапи на сила ќе ја укине генерациската забрана за продажба на цигари

Новата Влада на Нов Зеланд ќе ја укине забраната за продажба на цигари на идните генерации, која беше прв таков случај во светот, со цел да се покријат кратењата на даноците. Потегот според здравствените власти би нанел штета на илјадници луѓе и би бил катастрофален за маорската заедница.

Во 2022 година државата го усвои револуционерниот закон со кој се воведе постепено покачување на возрасната граница за продажба на цигари со цел оние родени по јануари 2009 година никогаш да не можат легално да купат цигари. Законот имаше цел да превенира илјадници смртни случаи поврзани со пушењето и да заштеди милијарди долари на новозеландскиот здравствен систем.

Законот исто така вклучуваше дополнителни мерки со кои пушењето требаше да се направи помалку пристапно и поскапо. Во него беше вметнато и силно намалување на законски дозволената количина на никотин во тутунските производи, продажба исклучиво преку продавници за цигари и намалување на бројот на продавници кои имаат дозвола за продажба на цигари од 6.000 на само 600 низ целата земја.

Законот требаше да стапи на сила во јули 2024 година, но со договорот помеѓу новите коалициски партнери во Владата, генерациската забрана, промените за намалување на количината на никотин и бројот на продавници за цигари ќе бидат укинати.

Новиот министер за финансии Никола Вилис, вели дека овие мерки ќе бидат повлечени пред март следната година, а приходите од продажбата на цигари ќе биде насочена кон даночните кратења кои ги вети новата Влада.

Според премиерот Кристофер Луксон укинувањето на законот ќе спречи раст на црн пазар на цигари и потенцираше дека Владата ќе го намалува бројот на пушачи преку едукација и други политики.

Сепак, водечките здравствени експерти во земјата изразија шокираност од повлекување на овие законски измени, посочувајќи дека тоа ќе придонесе до 5.000 изгубени животи годишно, а особено ќе биде погодена маорската популација, кај кои има повисоко ниво на пушачи.

„Ова е голем удар за јавното здравје и голема победа за тутунската индустрија, чии профити ќе бидат зголемени на сметка на животите на Маорите“, вели професорката Лиса Те Моренга, шефица на невладината група Здравствена коалиција Аотеароа.