Од космодромот во Француска Гвајана предмалку успешно беше лансиран вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ уредот кој во иднина треба да овозможи најдлабок поглед на вселената досега и кој отвора нова астрономска ера.
Моќниот телескоп, на чиј дизајн се работеше 30 години и чинеше 10 милијарди долари, ќе користи најсофистицирана технологија и се смета за еден од најголемите научни дострели во 21-от век.
Телескопот ќе користи повеќе технологии со кои ќе ги снима вселенските објекти. Најважната е инфрацрвената камера, која ќе овозможи да се погледне во атмосферата на голем број планети надвор од Соларниот Систем и да открие од што се составени овие планети и дали евентуално на нив има услови за живот.
Мисијата на телескопот ќе биде и барање на светлина од првите ѕвезди и галаксии формирани во Универзумот по Биг Бенг, истражување на формирањето и еволуцијата на галаксиите и поглед во тоа како се формираат ѕвездите и планетарните системи.
Движењето на телескопот во живо може да го следите на линкот во продолжение:
Создавањето на „Џејмс Веб“ вселенскиот телескоп беше вистинско инженерско чудо. Во ракетата Ариана 5, со која телескопот беше лансиран во вселената, во оригами стил се спакувани софистицираните апарати кои ќе бидат неопходни за уредот да функционира како што е предвидено.
Во вселената треба да се распакува цела мрежа од 18 поврзани златни огледала преку кои телескопот ќе собира што е можно повеќе светлост од небеските тела, а исто така треба да се расклопи и специјален соларен штит, составен од повеќе слоеви, кое ќе го штити телескопот од сончевата топлина која би му сметала во снимањето.
26 минити по полетувањето, телескопот треба да се одвои од ракетата и во следниот месец треба да се движи до својата дестинација на 1,6 милиони километри од Земјата во точката Лагранж 2, која има идеална гравитација погодна за соларната орбита. Ова истовремено претставува и главната неизвесност на целата мисија, бидејќи далечината од Земјата е таква што доколку нешто појде наопаку од замисленото нема можност за интервенција од човечки екипаж.
За споредба, претходникот, телескопот „Хабл“ кружи околу Земјата на далечина од 550 километри.
„Џејмс Веб“ телескопот е наречен по еден од архитектите на програмата Аполо за истражување на Месечината. Во проектот, покрај НАСА, вклучени се и вселенските агенции и на Европа и Канада.
Мисијата на телескопот ќе трае 10 години, а првите снимки треба да започне да започне да ги прави за шест месеци од сега.