Нова хајка во Турција- уапсени над 50 вработени на истанбулскиот универзитет „Фатих“

Турската полиција уапси над 50 вработени на истанбулскиот универзит „Фатих“, што беше затворен по ланскиот обид за државен удар за кого Анкара го обвинува муслиманскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој живее во САД.

Во операцијата, која се одржа во 29 градови, 54 поранешни вработени на Универзитетот се приведени и задржани од полицијата.

Покрај ова, издадена е наредба и за апсење на уште 171 универзитетски професори и вработени на „Фатих“, кој е поврзан со организацијата на Ѓулен.

Ѓулен негира каква и да е поврзаност со неуспешниот обид за преврат од 15 јули 2016 година.

Универзитетот беше затворен веднаш по пучот, откако беше откриено дека вработените ја употребувале мобилната апликација Бајлок, која, според турските власти, ја користеле приврзаниците на Ѓулен за поддршка и организирање на обидот за преврат.

По неуспешниот обид за државен удар во Турција беа уапсени над 50.000 лица, меѓу кои и државни службеници и припадници на безбедносните сили, а околу 150.000 луѓе беа отпуштени од работа.