На 21 септември, со концерт под диригентската палка на маестро Борјан Цанев, Македонската филхармонија ќе ја отвори новата концертна сезона 2017/2018 година.
Меѓу позначајните уметнички имиња во новата концертна сезона се издвојуваат гостувањата на виолинистите од Русија, Сергеј Крилов, Алена Баева и Никита Борисо-Глебски, секој со своја уметничка харизма и извонреден талент. Потврдено е гостувањето на еден од најистакнатите пијанисти на денешницата, маестро Борис Березовски кој и македонската публика го памети по неговиот маестрален настап на 70 годишниот јубилеј од постоењето на Македонската филхармонија, како и на славниот пијанист Данил Каритонов, победник на престижниот „Чајковски“ натпревар. Свој настап ќе има македонскиот баритон Милан Силјанов кој гради успешна кариера на европските сцени, реномираниот германско/француски виолончелист и еден од најбараните виолончелисти денес, Николас Алтштед, познатата и атрактивна пијанистка од Украина, но и Валентина Лисица, еден од најпознатите пијанисти на 21.век, рускиот талент Евгениј Судбин, фантастичниот виолинист Нинг Фенг од Кина…
Љубителите на музиката ќе имаат можност да слушнат и дела од македонски композитори, како и македонски солисти со светска кариера. Дел од нив се Здравко Ангелов на кларинет, виолинистот Љубиша Кировски, како и сопранистката Ана Дурловски, во изведба на една од најдобрите симфонии на сите времиња, „Симфонија на тажните песни“ од полскиот композитор Хенрик Горецки.
Зад пултот со оркестарот ќе застанат признати и веќе познати диригентски имиња за македонската јавност, како и некои кои за првпат ќе соработуваат со нашата институција, меѓу нив и маестрата: Емил Табаков од Бугарија, Јерухам Шаровски од Израел, познатиот обоист од Русија, Алексеј Огринчук, кој „игра“ двојна улога и како диригент, потоа Конрад ван Алфен од Холандија, Даниел Рајскин од Русија, Михал Нестерович од Полска, Габриел Бебешелеа од Романија, Тимоти Редмонд од Велика Британија, нашите Борјан Цанев, Ле Фи Фи, Џијан Емин…
Ќе бидат изведени дела од класичната музичка литература, од големите мајстори како Моцарт, Бетовен, Чајковски, Рахмањинов, Дворжак, Шуберт, Лист, Сибелиус, Стравински, Скрјабин, Шостакович, Малер…, а ќе биде одбележан и јубилејот 100 години од раѓањето на американскиот композитор Леонард Бернштајн.
Покрај класичниот, стандарден репертоар, Македонската филхармонија се потруди и во новата сезона да вметне малку поатрактивни концерти и солисти со исто така неспорен квалитет, концерти кои веќе неколку години наназад ги вметнува во необичниот циклуси „Алхемија“. Меѓу нив и атрактивната Ксенија Сидорова на хармоника од Латвија, која ќе ги стопли срцата со нејзиниот најнов проект „Кармен“, потоа мошне необичната Каролина Ејк од Германија, која свири на исто така необичен инструмент-теремин, што ќе биде своевидно откритие за македонската музичка сцена, а ќе гостува и извонредниот басист од Полска, Адам Шкрипек, кој ќе изведе Концерт за електричен бас и оркестар…
Македонската филхармонија ќе одбележи уште еден јубилеј – 30 години од смртта на еден од најистакнатите македонски композитори Драган Ѓаконовски-Шпато, со интересен концертен проект под наслов „Филхармонија за Шпато“, на кој легендарните теми на овој автор ќе добијат ново оркестарско руво. Уште еден концерт кој ќе го привлече вниманието и на пошироката јавност, ќе биде концертот на квартетот „Белтанго“ од Србија, со нивниот атрактивен проект „Балканго“ чија цел е да ја шират танго културата. Со посебен жар Филхармонијата го најавува и концертот „Четири годишни времиња“ на кој ќе прозвучат познатите истоимени дела од Антонио Вивалди и Астор Пјацола.
Од оваа година, Филхармонијата воведува уште еден циклус кога со наслов „Реквием Аетернам“ под палката на маестро Емил Табаков, ќе биде изведено едно од највеличествените дела во историјата на музиката, Моцартовиот Реквием.
Годинава, Македонската филхармонија со преселбата во новата концертна сала ја враќа долгогодишната традиција на Гала-новогодишниот концерт . Следејќи ја традицијата, и во новата сезона ќе бидат реализирани концертот по повод Денот на вљубените, мултимедијалниот настан „Види музика, слушни слика, добиј книга“, како и концертите „Звукот на идната генерација“ и „Младите доаѓаат“ на кои настапуваат учениците и студентите од државните училишта. Со особено задоволство, Филхармонијата го најавува и циклусот концерти за најмладите, кои поради новиот концертен амбиент ќе добијат и нова, малку поинаква димензија, а покрај нив, ќе се реализираат и неколку музички работилници за деца.
И оваа година, за редовните посетители, Македонската филхармонија ги најавува циклусите „Фортисимо“, „Мецо“ и „Пијанисимо“, кои подразбираат претплата на целата концертна сезона, избор од десет концерти, односно избор од пет концерти. Продажбата на циклусите ќе започне од 1 септември.