Инспирирано од бруталистичката архитектура, југословенската типографија, но истовремено водено од новиот сајберпанк и неонските мрачни теми, македонското студио за развој на игри „Dark-1“ започна да работи на игра со наслов „Скопје“.
Целта е да го доловат безвременскиот дух на градот во едно пост-апокалиптично сценарио, кое како што велат, метафорично може да се поврзе со пост пандемискиот период. Воедно, сакаат и да ја разбудат љубопитноста на светските гејмери за Скопје.
„Се чини дека нема подобро време за лансирање на ваква игра која ќе обезбеди љубопитост за градот Скопје но и ќе ја разбуди интуитивноста на гејмерите пост панемичниот период“, велат од „Dark-1“.
Целта на играчот е да го истражува уништениот град, да ги открие причините зад неговото уривање, да ја надмине хордата на обезличени и мутирани суштества коишто го доминираат градот, да обезбеди ресурси за да опстои и најважно да преживее, објаснуваат од студиото.
Играта е FPS (first-person shooter) во стрип стил со roguelike елементи и делумно отворен свет за истражување.
„Roguelike терминот жанровски покрива игри чиишто нивоа се процедурално генерирани, истите наликуваат на зандана (dungeon), редоследот на активностите се одигруваат во кругови (како во друштвена игра) и во случај на умирање на ликот со којшто се игра, играта започнува одново“, појаснуваат од студиото.
Играта е сè уште во изработка, но во меѓувреме од студиото нудат можност љубопитните играчи да се внесат во светот на пост-апокалиптичното Скопје преку онлајн alternative reality game (ARG).
„The Terminal е првиот дел од петте фази низ којашто ќе имаат играчите можност, сè подлабоко и подетално да се внесуваат во ликовите, настаните и работите“, истакнуваат од студиото.
Играта ја изработуваат со кофинансирање од Фондот за иновации и технолошки развој. Но, тимот на „Dark-1“ веќе има издадено една игра на светскиот пазар со наслов „Odium to the Core“. Станува збор за игра којашто се игра со само едно копче и при тоа се контролира Odium низ монохроматски лавиринт со извонредно динамична музика.