Во основното училиште со ресурсен центар д-р Златан Сремец“ денес беа промовирани нова опрема, дидактички и сензорни уреди и алатки наменети за поквалитетно образование на учениците со попреченост.
Опремата и дидактичките материјали набавени за основното училиште се во вредност од 1 милион денари.
Средствата се обезбедени од Здружението за асистивна технологија „Отворете ги прозорците“ преку проектот „Инклузија на деца со посебни образовни потреби“, кој пак е поддржан од Детската фондација „Песталоци“.
При посетата на училиштето, министерката за образование Мила Царовска потсети дека за прв пат ангажирани се 500 образовни асистенти.
„Во 2021 година обезбедивме 59 милиони денари за образовните асистенти, а за 2022 година предвидовме 218 милиони денари. Бројот на образовни асистенти не е конечен, доколку потребата се зголемува секако дека ќе излеземе во пресрет и ќе се објават дополнителни огласи за вработување“, истакна таа.