Основното општинско училиште „Блаже Конески“ во Општина Аеродром доби нова сензорна соба, направена со донација на Евроинс осигурување во склоп на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“. Веќе за идната недела се најавува пуштање во употреба и на втората сензорна соба која е направена во ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ во Аеродром.
Бранка Џајковска од проектот, се заблагодари на компанијата и општината за донацијата и ангажираноста да се направи оваа сензорна соба.
„Сметаме дека сензорната соба ќе помогне да се унапреди вклучувањето на децата со посебни потреби во секојдневните училишни активности и ќе претставува катче за индивидуална работа со децата со попреченост согласно наставниот план“, рече Џајковска.
Првата дама, Елизабета Ѓоргиевска и претседателката на Советот на Општина Аеродром, Ивана Цветковска порачаа дека ваквите инфраструктурни подобрувања и вложувањето во инклузивното образование е прав чекор во насока на градење на инклузивно општество во кое, како што посочија секое дете ќе има еднакви шанси за образование и напредок.
Извршната идректорка на Евроинс осигурување, Ралица Губерова на настанот истакна дека општествената одговорност и поддршката за најранливите категории е еден од основните принципи на компанијата.
„Во таа насока е и оваа донација за опремување на сензорна соба наменета за учење и развој на учениците со попреченост. Се радуваме на оваа соработка со проектот ‘Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран’ и на можноста да го поддржиме инклузивното образование“, рече Губерова.
Проектот обединува повеќе различни чинители за постигнување на една цел, односно целосна и еднаква вклученост на децата со попреченост во редовните основни училишта, а го спроведува Фондацијата за образовни и културни иницијативи во соработка со партнерите „Инклузива“ и „Хандимак“.