Завршена е фасадата и кровот на новиот објект на НУ Турски театар. Во тек е јавната набавка за внатрешните инсталации, односно механика, електрика, машинство и водовод и канализација.
Ова денес го изјави директорката на театарот, Ајлин Емин Скоро која заедно со министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска беше на увид во градежните работи на објектот кој се наоѓа близу Железничката станица во Скопје.
Турскиот театар постои 74 години, а веќе десет години работи и твори под еден покрив и на иста сцена со Театар Комедија.
„Министерството за култура продолжува непречено да го финансира проектот, за што во три буџетски години (2024, 2025 и 2026 година) се проектирани средства во износ од 6,1 милиони евра, односно 380 милиони денари“, рече министерката, и додаде дека со овие средства ќе се комплетираат градежните зафати, поставувањето инсталации, уредувањето на ентериерот и ќе се обезбеди стручен надзор за театарот да го добие својот облик.
Како што информираше министерката од буџетот на Министерството за оваа година се обезбедени еден милион и седумстотини илјади евра или 104 милиони денари. За она што сега е реализирано се издвоени 4,4 милиони евра, или 274 милиони денари.
Изградбата на објектот започна во јуни 2014 година. Тогаш беше најавено дека театарот ќе располага со две сали, мала сцена со капацитет од 150 седишта и голема со 329 седишта. Објектот е замислен на седум нивоа, од кои пет се надземни, а две подземни.