Растечките цени на храната и енергијата, предизвикани од руската инвазија врз Украина, може да турне дополнителни 250 милиони луѓе во екстремна сиромаштија, предупредува британската хуманитарна организација Оксфам.
Оттаму велат дека новите предизвици ја продлабочиле економската криза предизвикана од коронавирусот и повикаа на итна реакција на меѓународната заедница, а една од акциите треба да биде и поништување на долговите за посиромашните држави.
Екстремната сиромаштија од Обединетите Нации се дефинира како состојба карактеризирана со огромен недостаток на основни потреби за човекот, меѓу кои и храна, безбедна вода за пиење, хигиенски услови, здравје, дом, образование и информации.
„Без итна радикална реакција можеме да сведочиме за еден од најлошите пропаѓања на човештвото во екстремна сиромаштија и патење во нашата меморија“, вели извршната директорка на Оксфам, Габриела Бушер.
Анализата на Оксфам, објавена пред состаноците на Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд, посочува дека задолжените влади се принудени да ги скратат јавните трошоци со цел да ги задоволат пораснатите трошоци на увезеното гориво и храна.
Според организацијата, поништување на должничките рати за оваа и следната година може да ослободи 30 милијарди долари за десетици држави кои се соочуваат со најголеми долгови.
Од Светската банка веќе проценија дека 198 милиони луѓе можат да западнат во екстремна сиромаштија оваа година како резултат на пандемијата, но од Оксфам сметаат дека уште 65 милиони луѓе се во ризик доколку во предвид се земат и растечките цени од инвазијата врз Украина. Дополнително, потенцираат дека уште 28 милиони луѓе ќе останат неухранети како резултат на кризата.
Од хуманитарната организација повикуваат на поголеми даноци за најбогатите, како и за компаниите кои профитираат од кризите како пандемијата и војната во Украина. Истовремено ги повикаа Г20 земјите да ги пренасочат постоечките 100 милијарди долари од фондовите за сиромашните држави, во заштита на најсиромашните од инфлацијата преку субвенции и кратење на даноците на производи и услуги.
Бушер вели дека недостатокот на реакција од владите за справување со растечката сиромаштија не може да се прости.
„Ги одбиваме изговорите дека владите немаат пари или средства да ги извлечат сите луѓе од сиромаштија и глад и да го обезбедат нивното здравје и благосостојба. Единствено што гледаме е недостаток на економска имагинација и политичка волја тоа навистина да се направи“, вели таа.
Организацијата на храна и земјоделство на Обединетите Нации минатата недела информираше дека војната во Украина ги подигнало цените на храната на највисоко ниво во историјата и дека во март цените биле за третина повисоки отколку истиот месец лани.
Блискиот Исток и делови од Африка се очекува дека ќе бидат најпогодени, поради нарушениот синџир на увоз на жито од регионот на Црното Море.