Студентите и денеска продолжуваат со блокадите. Тие во 11:52 часот на улиците низ Србија и регионот им оддадоа почит на жртвите од трагедијата на железничката станица во Нови Сад.
Полицијата утрово им го попречи патот на граѓаните во Руменка кои се обиделе да стигнат до универзитетскиот центар во Нови Сад. На земјоделците им се придружија и студентите, граѓаните и опозицијата. По извесно време полицијата се повлече од Руменичкиот мост и беше испратена со аплауз, објави Н1.
Тракторите ќе останат во Нови Сад до 1 февруари кога ќе се одржи голем протест, изјави денеска пред Земјоделскиот факултет Дејан Багариќ од организацијата СТАВ.
Три месеци по уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад, студентите ќе ги блокираат сите три моста во овој град.
Истовремено, како што информира Н1, мотоциклисти денеска организираа хуманитарна прошетка за поддршка на Соња, студентка која беше прегазена од автомобил во 11.52 часот во пресрет на редовната блокада на 16 јануари на улицата „Рузвелтова“, но и за сите студенти кои ги блокираа своите факултети.
Тие масовно се собраа на паркингот на трговскиот центар на Бежанијска коса, од каде се упатиле кон Факултетот за драмски уметности, каде им врачиле донации на студентите, а оттаму се упатија за да се приклучат на дневната блокада во 11:52 часот.
Ова доаѓа откако десетици илјади демонстранти вчера се одзваа на студентскиот повик и излегоа на протести.
Исто така, се одржа и „генерален штрајк“ – акција на која се приклучија бројни бизнисмени, просветни работници, културни работници, адвокати. Тие во знак на протест и поддршка на студентите ја прекинаа работата.
Во бројни градови, клуч на врата ставија многу продавници, ресторани, кафулиња, книжарници и кина.
Истовремено, се случи и контра-собир со илјадници поддржувачи на владејачката Српска напредна партија (СНС) и нејзините коалициски партнери, кои се собраа на партиски митинг во Јагодина, централна Србија.
На митингот беше најавено формирање на „движење за народот и државата“, кое треба да ги обедини владејачките партии и нивните поддржувачи.