Пет нови дивоградби за помалку од две години никнале на подрачјето на Студенчишко Блато, за кое има решение за привремена заштита. Во моментов уште две непречено се градат, иако граѓанската организација Фронт 21/42 уште лани случајот го пријавила кај пет државни и локални инспекторати. Од оваа организација обвинуваат дека и земјиштето е трансформирано на незаконски начин, па од државни и земјоделски парцелите станале приватни и градежни, пренесува новинската агенција Мета.
Незаконските градежни активности во Студенчишко Блато биле забележани во април 2023 година, по што биле алармирани Државниот инспекторат за животна средина и општинскиот градежен инспектор, а потоа и Инспекцискиот совет, Државниот управен и градежен инспекторат како и локални инспектори од Охрид. Од Фронт 21/42 велат дека ниту еден инспекторат не ги спровел доследно законските обврски, а од седум постапки на шест државни и два локални инспектори, за кршење на повеќе релевантни закони и серија на кривични дела, само за еден надзор било изготвено решение, но не бил направен ниту еден контролен надзор, дури ни по известувањето дека состојбата на терен е влошена.
„Исходот од сето тоа беше непречен развој на нов урбан комплекс во рамки на блатото. Наместо да бидат отстранети, во јули годинава пет дивоградби беа завршени, две се во изградба, со основа за понатамошна урбанизација. Благодарение на неспроведувањето на службената должност од страна на инспекторите, деградацијата на најзначајната од деветте жешки точки за биодиверзитетот на Охридското Езеро, ескалира и сето тоа за имотна корист на сторители на кривични дела “, вели Искра Стојковска од Фронт 21/42.
Екологистите велат дека земјиштето е приватизирано противзаконски, благодарение на одговорни лица од од Министерството за финансии и Државниот правобранител. Парцелите со дивоградбите заедно со други околни парцели се приватизирани како градежно земјиште во државна сопственост, додека во реалноста отсекогаш биле земјоделско земјиште. Приватизацијата е спроведена од одговорни лица од Управата за имотно правни работи при Министерството за финансии, кои издале Решенија за приватизација на градежно земјиште за кое знаеле дека е земјоделско и за кое немале никакви ингеренции да постапуваат, а приватизацијата била без никаков надоместок.
Во целиот процес екологистите тврдат дека се вклучени и вешти лица од истото министерство, а незаконските Решенија за приватизација на државно земјоделско земјиште станале правосилни благодарение на тоа што Државниот правобранител не преземал никакви дејствија.
За случајот со дивоградбите и незаконски приватизираните парцели во Студенчишко Блато Фронт 21/42 поднел пријави до Основното јавно обвинителство за организиран криминал, Државната комисија за спречување на корупција, кривични пријави против поединечни лица и известување до Инспекцискиот совет.
„Останува да видиме дали било која од овие пријави ќе резултира со отстранување на дивоградбите и поништување на противзаконските решенија за приватизација на земјиштето. До сега, искуството ни покажува дека единствен начин барем да се успори уништувањето на највредното природно и културно богатство во државата, е преку меѓународната заедница“, посочуваат од Фронт.
Благодарение на случајот пред Бернската конвенција стопирано е усвојувањето на предлог Законот за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата, кој покрај останатото, на сопствениците на овие незаконски приватизирани имоти со дивоградби им даваше приоритетно законско право да учествуваат во дефинирањето на дозволените активности во зоната во која им се лоцирани градбите.
Денеска во Стразбур, Постојниот комитет на Бернската конвенција ќе го разгледува спроведувањето на препораките за отворениот случај за заканите врз Охридското Езеро и Националиот парк Галичица. Од Фронт 21/42 посочуваат дека во изминатата година државата не само што не спроведе ниту една од 15 препораки, туку за четири состојбата е уште полоша.
Минатата недела и Центарот за светско наследство го објави Извештајот на мисијата на УНЕСКО од 2024 година во кој по трет пат експертите заклучуваат дека Охридскиот Регион ги исполнува критериумите за светско наследство во опасност. Несоодветните интервенции, урбанизацијата, неадекватното просторно планирање, инфраструктурните проекти нанесуваат неповратна штета поради што Охридскиот Регион може да ја изгуби Исклучителната универзална вредност во краток до среден временски период.