Во девет скопски училилишта и денеска стигнала закана по мејл дека во објектите има поставено бомби.
Во училиштата се евакуираат учениците и наставниот кадар, додека околу објектите забележливо е засилено полициско присуство.
„Денеска во СВР Скопје околу 14 часот е пријавено дека на меил адреси на девет училишта во Скопје е упатена закана за поставена бомба. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата. Во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштија од МВР.
Вчера слична ситуација се случи кога закани по мејл стигнале до осум училишта во Скопје, а по проверката од Министерството за внатрешни работи утврдиле дека станувало збор за лажни пријави.
Загриженост за вчерашните настани изразија од Сојузот на средношколци, кои повикаа на зголемување на безбедноста во училиштата.
„Во последниот период јавноста сведочеше на слични дојави за бомби во училишта и болници во соседна Р. Србија. Сојузот ја поздравува брзата акција на безбедносните служби. Ограноците на Сојузот нè информираа дека евакуацијата е целосно спроведена, а настава нема да има за учениците од втората смена. Сојузот на средношколци апелира на зголемување на безбедноста во средните училишта. Ги повикуваме нашите соученици да бидат смирени бидејќи паниката е нашиот најголем непријател во овие ситуации. Безбедносните и училишните служби да бидат професионални и методични во работењето, за да се заштитат средношколците и сите останати вклучени во образовниот процес“, соопштија вчера од Сојузот на средношколци.