Под мотото „Секој ден во 6“, уште пет градови се придруваат на протестите против полициската бруталност, со кои се бара правда за Мартин Нешковски, како и понесување одговорност за случајот од страна на полициските челници.
За денеска во 6 часот попладне, преку социјалните мрежи се најавени протести во Куманово, Свети Николе, Охрид , Кавадарци и Штип.
Во Куманово и Штип протестот почнува на градскиот плоштад, светиниколци ќе се соберат во Градскиот парк, охриѓани на кејот, додека кавадарчани ќе протестираат пред полициската станица.
„По објавувањето на снимките кои го потврдуваат скривањето на убиството на младиот Мартин, и насилството на полцијата на протестите во Скопје, наша должност е да застанеме едни до други гордо и храбро!“, се вели во најавата за протестите.
Бранот протести од вчера ја зафати и Струмица, а завчера против полициската бруталност излегоа граѓаните во Прилеп и Битола.
Во Скопје пак, четврти ден по ред, е најавен протест пред Влада, со почеток во 6 часот попладне. Протесттите изминатите два дена минаа во релативно мирна атмосфера, откако на првиот протест повредени беа десетици лица, а триесетина демонстранти завршија во притвор. Од МВР овој протест го нарекоа вандалски напад врз полицијата, додека демонстрантите алармираа за бруталниот однос на полицијата кон луѓето кои мирно протестираа пред Влада.
Протестите беа иницирани од т.н. бомба на опозицијата во која лидерот на СДСМ, Зоран Заев објави аудио снимки кои , како што изјави, покажуваат дека власта се обидела да го скрие убиството на Мартин Нешковски.
Мартин Нешковски беше убиен пред четири години од полициски специјалец, на собирот на ВМРО ДПМНЕ на плоштадот Македонија, по повод изборната победа. Убиството беше потврдено од надлежните по неколку дена, откако претходно медиумите објавија дека било убиено момче за време на партиската прослава. Голем број млади луѓе, организирани главно преку социјалните мрежи, цел месец во Скопје, секој ден во 6 часот попладне, излегуваа на протест против полициската бруталност.