Туристичките работници најавуваат нови протести и блокада на патиштата доколку под итно државата не им помогне. Тие бараат најдоцна до 15 август да се промени одлуката за превоз на 50 проценти во автобусите и да продолжи мерката за субвенционирање на платите во овој сектор во кој спаѓаат туристичките агенции, водичите и превозниците.
„Додека сите агенции во светот добија прилика колку толку да закрепнат, помогнати од државата, како нивен столб и помош, кај нас како таа да прави се за намерно да останеме на улица. Нема никаква логика да остане овој протокол кога со почитување на безбедносните мерки, може да се организира патување. Поставуваме ултиматум, најдоцна до 15-ти август да дојде до измена на оваа нелогична одлука за превозот со автобуси и да се продолжи мерката за субвенционирање на платите на нашиот сектор во кој спаѓаат туристичките агенции, водичите и превозниците“, се вели во соопштението од секторт туризам.
Тие велат дека им била ветувана помош по завршување на изборите, но тоа сега било закочено поради формирањето на новата Влада. Туристичките работници реагираат на изјавата на министерот за здравство во заминување Венко Филипче кој препорачува да не се патува и посочуваат дека во таков случај државата треба да им помогне.
„Најостро ја осудуваме оваа негова изјава и сметаме дека не само што не ни помагаат, туку дополнително ни ја отежнуваат работата. Агенциите бидејќи немаат никаква финансиска поддршка, оставени сами на себе, се обидуваат и со најмалите расположливи услови да направат каква било продажба. Доколку министерот препорачува да не се патува за да се заштитат граѓаните, тогаш државата нека помогне на овој сектор и да не заштити и нас од пропаста која веќе пристигна!“ стои во реакцијата.
Туристичките работници минатиот месец организираа протест во Скопје, со кој посочија на своите барања и побараа помош од државата.