Полицијата и демонстрантите бесни на власта во Либан синоќа повторно се судрија во Бејрут откако бројката на мртви од експлозијата во градот достигна повеќе од 200 лица.
Градоначалникот на Бејрут, Марван Абут, вчера изјави дека уште десетици лица сè уште се водат како исчезнати, а помеѓу нив има и голем број работници од странство.
Протестите не стивнаа и покрај оставките на два владини министри и девет пратеници во либанскиот парламент. Врз демонстрантите и синоќа полицијата употреби солзавец.
Покрај министерот за информации, Манал Абдел Самад, оставка поднесе и министерот за екологија, Катар Демианос. Демианос соопшти дека оставката ја дава во солидарност со жртвите, додека Абдел Самад во телевизиско обраќање се извини на граѓаните што лидерите „не успеале да ги исполнат нивните очекувања“.
По експлозијата околу триста илјади луѓе живеат во оштетени домови од експлозијата, од кои многу со скршени врати и прозори. Агенции на Обединетите Нации предупредија за можна хуманитарна криза доколку не биде доставена храна и лекови.
Досега меѓународните донатори собраа скоро 300 милиони долари помош за Либан на виртуелниот самит кој вчера се одржа под покровителство на францускиот претседател, Емануел Макрон. Според нив, средствата треба да бидат директно доставени до населението на Либан.
Либанските власти соопштија дека експлозијата била резултат на активирањето на 2,750 тони амониум нитрат кој шест години бил небезбедно чуван на пристаништето.
Најголем број од граѓаните на Либан се бесни од одлуката ваквата огромна количина експлозивен материјал да се чува во складиште во центарот на главниот град. Тие и пред експлозијата ја обвинуваа политичката елита во земјата за корупција, негрижа и лошо управување со државата.