Полномошникот на поранешниот американски разузнавач Едвард Сноуден, Анатолиј Кучерена изјави дека неговиот клиент стравува за својот живот, откако на интернет ги прочител експлицитните закани од анонимни официјални лица од Пентагон и НСА.
Анатолиј Кучерена за руската државна информативна станица „Росиа 24“ изјави дека постојат реални закани за животот на Сноуден, јасно искажани во напис од веб страницата BuzzFeed, насловен „ Американски шпиони го сакаат Едвард Сноуден мртов“.
Кучерена изјави дека Сноуден е под постојана придружба од обезбедување, а се размислува и за дополнителни безбедносни мерки.
Пребеганиот соработник на американските разузнавачки служби Едвард Сноуден ги отфрли сугестиите дека бил руски шпион, велејќи дека дејствувал сам во обелоденувањето на американските програми за тајно следење. 30 годишниот Сноуден за весникот „Њујоркер“ изјави дека не добил помош од никој.
САД бараат екстрадиција на Сноуден под обвинување за предавство. Тој од минатата година се наоѓа во Русија каде што доби привремен статус на азилант.