Нови закони, дигитализација, евалуација на универзитетските управи – Акциски план на средношколците, студентите и МОН за 2025 година

Овогодишниот буџет за студентски стандард е за 18% поголем од ланскиот и ќе изнесува 30 милиони евра. Ќе се работи на закон за студентска работа, дигитализација на учебниците и ЈСП картичката, како и донесување на предлог-законите за средношколско и студентско организирање. Студентите имаат потреба од зголемена и конкретна евалуација на универзитетските управи и на државните и на приватните универзитети, од зголемување на опсегот на бесплатниот студентски превоз на приватните универзитети и во другите студентски градови, како и од зголемување на опсегот на студенти кои ќе го користат студентскиот оброк.

Ова беше кажано по денешната средба на министерката за образование и наука Весна Јаневска со претставници на Националното студентско тело, Сојузот на средношколци и Форумот за образовни промени, на која се дискутираше за заедничките приоритети во 2025 година.

Берин Мухамед, претставник од Сојузот на средношколци, рече дека за првпат студентите и средношколците во државата седнаа на иста маса и спремија акциски план за новата 2025 година, со заеднички цели.

„Со овие цели излеговме и ние и студентите, со два нови предлог-закони за средношколско и студентско организирање. Истовремено, во оваа дискусија зборувавме и за кариерното советување кое ни е потребно и во средното образование и во високото, кое ќе дојде во сила со новиот закон“, истакна Мухамед.

Додека, претседавачот на Националното студентско тело Александар Николовски посочи дека за првпат ќе се работи на закон за студентска работа со која, според него, студентите дополнително ќе може да допринесуваат во текот на студиите за подобрување на економијата.

„Двата закони за студентски ученички стандард се веќе подготвени, треба уште еднаш да ги видиме и да ги донесеме во текот на следната година. Повеќето нивни барања ќе бидат исполнети во најбрз можен рок, некои ќе бидат малку одложени“, рече Јаневска.

Фото: МОН

Како што информираше таа, денеска се префрлени 120 милиони денари на ЈСП, со што се продолжува бесплатниот градски превоз на студентите во Скопје. Продолжува и реконструкцијата на студентските домови „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Стив Наумов“ кои, според Јаневска, ќе бидат завршени до крајот на следната студентска година.

„Продолжува кредитната линија за да ги реновираме сите (н.з. студентски домови) до еден кои им требаат на студентите. Приоритетите во однос на високото образование ќе бидат промена на законот кој ќе овозможи подобрување и на квалитетот во образованието. Бројните, навистина премногу, студентски програми ќе треба да се ревидираат, дел од нив да се стават во мирување, дел од нив да се укинат, но ова го работиме заедно со универзитетите кои имаат автономија. Секако, дел од тие програми ќе бидат модернизирани според потребите за студентите и потребите на пазарот на труд. Во овој момент општините прават анализа на пазарот на труд и за упис во средно образование, но и за упис во високо образование“, наведе министерката.

Таа, исто така, наведе дека во моментов во МОН се прават анализи за тоа колку би чинело ако се прошири опсегот на студентскиот оброк. Како што рече, тоа го бараат студентите, а значи дека дел од нив кои се вклучени на пазарот на труд по минимални заработки би требало да добијат студентски оброк.

„Во министерството има големо расположение и волја тоа да се оствари, мислам дека до крајот на овој месец или евентуално во февруари ќе ја имаме и таа анализа и ќе седнеме дефинитивно да се договориме за сето тоа. Но, нека биде тоа и од следната година, тие секако ќе ги добијат тие средства кои се предвидени за нив“, истакна таа.

Додека, во однос на другите степени на образование (основно и средно), Јаневска посочи дека приоритет ќе биде континуирано и постепено воведување на целодневна, едносменска настава, оптимизација на мрежата на училиштата, како и дека веќе се изработуваат новите програми и планови за гимназиското образование.

„Денес имав средба со Центарот за средно стручно образование поради новиот закон кој помина на крајот на минатата година. Потребна е нова концепција, многу правилници кои треба да се донесат“, забележа министерката.

Исто така, во новиот закон за средно образование, кој во моментот е повлечен, а Јаневска рече дека очекува многу брзо повторно да се најде во собраниска процедура, предвиден е нов модел на матура. Според него, средните стручни училишта ќе полагаат средна стручна државна матура соодветно на општо образовните предмети кои ги слушаат по наставен план и програма и тој е помал од оние на гимназиските, објасни министерката.

„Гимназиските ќе си полагаат гимназиска државна матура и на тој начин и едните и другите ќе можат доколку сакаат да се запишат во странство. Оние што ќе полагаат средно стручна матура ќе можат без приемен испит да се запишат на сродните факултети. Пример, од електромашинско училиште и на машински и на електро, но ако сакаат да се запишат на медицина или филозофија, ќе треба да полагаат државна гимназиска матура. Значи, одлуката е нивна“, раскажа таа.

Полагање на државна матура / Фото: МОН

Исто така, како што посочи, од МОН ќе направат силни напори матурата да ја спроведат регуларно и по закон.

„Знаете дека досега, од разноразни причини, матурските оцени не беа сосема реални, да не повторуваме зашто и како. Оваа година предвидуваме матурата да биде изведена во големи простори, значи амфитеатри од универзитетите за кои Државниот испитен центар е во преговори со универзитетите, освен во помалите училишта каде што има по 30 или 50 матуранти и матурата ќе може да се одвие и во училиштата“, појасни Јаневска.

Со претставниците на младите, рече, се договориле и да почнат кампања за значењето на образованието и вредносниот систем. Ќе ја направат заеднички, а во неа генерално ќе учествуваат „оние кои се многу успешни и кои на своите пријатели, соврсници ќе им кажат што значи да се има знаење, компетенции, вештини“.

„Ќе се вклучат и МОН и наставниците. Верувам дека дел од таа кампања ќе биде посветена на тоа што значи матурата и што значи заокружување на средното образование“, истакна министерката.

Образованието не е главен приоритет на државата, студентите треба солидарно да го креваат стандардот

Ангела Петкова