Воената хунта на власт во Мјанмар воведе воена состојба во делови од најголемиот град во државата Јангун, по зголемување на отпорот од страна на граѓаните против државниот удар кој се случи минатиот месец.
Најмалку 38 луѓе биле убиени од безбедносните сили во текот на вчерашниот ден а уште десетици се ранети во еден од најсмртоносните денови по почетокот на протестите, пренесе Асоцијацијата на политички затвореници, невладина групација која ги мониторира случаите на насилство во земјата, јавува Еуроњуз.
Најголем дел од убиените биле во Јангун, дел од видеата кои се беа објавени покажуваат луѓе кои бегаат додека во позадина се слушаат истрели од огнено оружје.
Државната телевизија доцна синоќа за прв пат го употребија терминот „воена состојба“ од почетокот на пучот и посочија дека според новите правила на улиците ќе има повеќе воени сили отколку локална полиција. Според соопштението објавено на овој медиум, Државниот административен совет реагирал за да се врати сигурноста и правниот поредок, додавајќи дека регионалниот командант во Јангун добил административни, правни и воени овластувања на територијата под негова команда.
Демонстрантите, кои се противат на воениот удар со кој беше срушена легитимната власт избрана на избори, од самиот старт на пучот организираат секојдневни ненасилни протести. Тие против воената хунта се борат преку граѓанска непослушност и генерални штрајкови низ земјата.
По извршениот воениот удар на почетокот на февруари, армијата ги уапси претседателот и премиерката на Мјанмар и против нив се подигнати обвиненија.
Мјанмар беше под воена власт цели пет децении по пучот од 1962 година.