Репортерот на арапскиот Ал Џезира Исмаил ал-Гул и снимателот Рами ал-Рифи беа убиени во израелски напад врз Појасот Газа, пренесува Ал Џазира Балканс.
Ал-Гул известуваше од кампот Ал-Шати, од каде што потекнува убиениот политички лидер на Хамас Исмаил Ханије.
На враќање кон градот Газа, тие беа директно погодени од израелски дрон.
Мохамед Моавад, главен уредник на Ал Џазира на арапски јазик, рече дека нападот бил насочен против тим кој „храбро известувал за настаните во северна Газа“.
Исмаил беше познат по својот професионализам и посветеност, привлекувајќи го вниманието на светот на страдањата и злосторствата извршени во Газа, особено во болницата Ал-Шифа и северните квартови.
„Да не беше Исмаил, светот немаше да ги види погубните последици од овие масакри“, напиша тој на социјалната мрежа „Икс“, додавајќи дека Ал-Гул „на светот ги пренесе настаните и реалноста на Газа преку Ал Џазира“.
„Неговиот глас сега е пригушен. Исмаил ја исполни својата мисија во својата татковина. Срам за оние кои ги изневерија цивилите, новинарите и човештвото“, додаде тој.
Анас ал-Шариф, репортерот на Ал Џазира кој известува од Газа, се наоѓа во болница каде се донесени телата на неговите колеги.
„Исмаил ги пренесе страдањата на раселените и ранетите Палестинци, како и масакрите извршени од израелската окупација врз невините луѓе во Газа. Израелската окупација можеби не сака сликата да излезе во јавност, тие не сакаат да се зборува за неа и не сакаат Ал Џазира да продолжи да известува што се случува. Тие директно ги таргетираат новинарите или нивните семејства или местата од кои известуваат“, изјави ал-Шариф.
Израел, кој претходно негираше дека цели на новинари во својата десет месечна војна против Газа, сè уште не го коментираше нападот. Најмалку 39.445 луѓе, главно деца и жени, се убиени во израелската војна против Газа.
Дури и пред овој смртоносен напад, израелската војна против Газа се сметаше за најсмртоносниот конфликт за новинарите и медиумските работници во светот.
Комитетот за заштита на новинарите со седиште во Њујорк, кој води посебна база на податоци за палестинските новинари убиени во Газа, процени дека од почетокот на војната до 5 јули биле убиени 108 медиумски работници.