Последниот потег на „Фејсбук“ ги збуни палестинските корисници и нивните соработници за тоа дали се под дигитална цензура или едноставно мета, пренесува „Ал Џезира“.
Неколку часа по примирјето во појасот Газа, група на палестински новинари, вклучувајќи и новинари од „Ал Џезира“, открија дека се блокирани и не можат да ја користат апликацијата „WhatsApp“, дигитална алатка која е многу важна за комуникација со извори, уредници и остатокот од светот.
Според „Associated Press“, 17 новинари во Газа потврдиле дека нивните профили на „WhatsApp“ се блокирани уште од минатата недела. До денес претпладне само четири новинари кои работат за „„Ал Џезира“ информирале дека нивните профили се функционални.
Овој инцидент е последниот потег на компанијата „Фејсбук“ која е сопственик на апликацијата, што поттикнува прашања кај палестинците за тоа дали тие се под мета на компанијата, или пак се цензурирани.
12 од 17 новинари одговориле дека биле дел од чет-група на „WhatsApp“, која истражува информации поврзани со воените операции на Хамас.
Еден од новинарите на „Ал Џезира“ изјавил дека бил блокиран од користење на апликацијата во петокот минатата недела. Тој дополнил дека новинарите се вклучуваат во чет-групи на Хамас само за да дознаат некоја информација потребна за нивното новинарско известување.
Вториот новинар од „Ал Џезира“ објаснил дека забраната е шокантна и неправедна, бидејќи не се случило никакво злоупотребување на правилата за користење на апликацијата.
Тој дополнил дека добил бројни предупредувања од „Фејзбук“ дека неговиот лиценциран профил може да да биде избришен поради прекршување на правилата за употреба.
Профилите на „WhatsApp“ биле блокирани три дена, пред да бидат повторно активирани во понеделник, откако била инсконтактирана „WhatsApp“ администрацијата во САД.
Според новинарите, биле вратени групите и разговорите, но била отстранета сета содржина, како за прв пат да се вклучувате на апликацијата, па избришани биле бројни информации, слики, телефонски броеви, пораки и комуникации.
Од „Ал Џезира“ изјавиле дека новинарите во Газа и нивните „WhatsApp“ профили биле блокирани без претходно предупредување од Фејсбук
„Сакаме силно да нагласиле дека нашите новинари ќе продолжат да ги користат нивните „WhatsApp“ профили и слични апликации за собирање на информации и лична комуникација. Нашите новинари не ги користеле профилите со никакви задни намери, само за лична и професионална потреба“, изјавиле од медиумот.
Просториите на „Ал Џезира“ во Газа беа уништени за време на израелските воздушни напади.
Медиумските групации ја обвинија израелската војска за цензурирање на вестите за воздушните напади, а оттаму изјавија дека зградите каде што се наоѓале медиумските простории, биле населени и од воени логистичари на Хамас. Израелската војна телефонски предупреди пред нападот, давајќи еден час за евакуација пред бомбардирањето.
Овој месец, „Фејсбук“ и „Инстаграм“ беа критикувани за бришење на објави, но и профили на корисници кои објавувале за протестите на палестинското население во чии рамки се барало отфрлање на одлуката за насилно иселување на палестинците од нивните домови во населбата „Шеик Џара“ во источен Ерусалим. Токму овие потези на „Фејсбук“ и „Инстаграм“ беа причината за испраќање на отворено писмо до компаниите. Писмото барало одговор зошто постовите биле избришани, а било потпишано од 30 организации.
Арапскиот центар за подобрување на социјалните медиуми, во свој извештај истакнал дека овој месец, Фејсбук одобрил 81 отсто од пријави направени од израелскиот кибер оддел за отстранување на палестинска содржина. Од центарот исто така дополниле дека „Твитер“ отстранил дузина палестински профили поради информации добиелни од израелското Министерство за надворешни стратегии.
„Сада Сошл“ е организација во окупираниот реон, која се бави со изнаоѓање на злоупотреба врз палестинската содржина на социјалните медиуми. Оттаму истакнале дека веќе работат на собирање на информации за бројот на палестински новинари кои биле погодени од последната одлука на „WhatsApp“.
Сè уште не е јасно дали новинарите биле блокирани поради следење на објави од Хамас.
Хасан Еслаје, независен новинар од Газа, чиј профил исто така бил блокиран од „WhatsApp“, изјавил дека неговиот профил најверојатно е блокиран бидејќи бил член на чет-групата „Хамас Медиа“.
„Ваквото блокирање влијеше на мојата работа и мојата заработка бидејќи изгубив важни контакти и разговори“, додал тој.
Ова не е прв пат Еслаје да има проблеми со социјалните мрежи. Неговиот „Фејсбук“ профил бил избришан 17 пати, а неговите профили на „Твитер“ и „Инстаграм“ цело време се бришени или блокирани.