Руската полиција уапси неколку новинари кои протестираа во Москва поради одлуката на Владата да означи водечка независна телевизија и популарен портал како „странски агенти“, пренесува „Н1“.
Новинарите протестираа пред седиштето на Федералната служба за безбедност (ФСБ), водечката руска разузнавачка агенција, држејќи транспаренти на кои пишуваше „Новинарството не е криминал“ и „Плашете се од вистината“.
Тие протестираа поради одлуката на Министерството за правда која на листата „странски агенти“ ја додаде телевизиската станица „Дожд“ и порталот „Важни приказни“ кој се занимава со истражувачко новинарство.
Демонстрантката Фарида Рустамова, новинарка од телевизијата „Дожд“ на протестот рече дека „сака слободно да живее и работи во Русија“.
„Сакам да имам можност да бидам слободна новинарка. Не сакам да ми ги апсат колегите, да им ги претресуваат становите и да ги означуваат како народни непријатели или агенти“, кажа Рустамова.
Новинарката на порталот „Важни приказни“, Јулија Красњикова го осуди потегот на властите како неуставен.
„Тоа што не сакаме да пишуваме приказни какo други провладини медиуми не значи дека нешто прекршуваме и дека сме странски агенти. Тука сум да протестирам поради тоа и да ги поддржам моите колеги“, изјави Красњикова.
Одлуката на Министерството за правда се заснова на Законот за странски агенти, според кој оваа ознака може да ја добијат невладини организации и поединци кои добиваат средства од странство и се занимаваат со активности што може да се класифицираат како политички. Етикетирањето како „странски агент“ подразбира подетален надзор и носи потценувачка конотација што може да го поткопа кредибилитетот на медиумите и нивните рекламни перспективи.
Телевизијата „Дожд“ остро ја критикуваше пресметката меѓу руските власти и неистомислениците и редовно известуваше од опозициските протести. Интензивно се бавеше со случајот на труење и затворање на водечкиот опозиционер Алексеј Навални и кривичните процеси против неговите соработници.
Руските власти го зголемија притисокот врз опозицијата и независните медиуми пред парламентарните избори на 19 септември.